Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“

Отворено годинешното издание на Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“ …

odbojka na plaza

На двете игралишта на градската плажа „Парк“ синоќа и официјално стартуваше петтиот Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“. Турнирот што ќе трае до недела за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Почнувајќи од денеска па во наредните три дена, сите ние ќе се дружиме и на спортски план, овде на градската плажа „Парк“, на игралиштата на песок, по петти пат ќе бидеме дел од Меѓународниот турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“, рече Трајановски.

Овој турнир, како што посочи, според својот квалитет и одлична организација, полека но сигурно станува дел од живеењето на градот Скопје во овие летни жешки јулски скопски вечери. – Станува дел од нашата традиција и дел од имиџот на нашиот град, а како потврда за тоа секако е нашиот план, идната година, за првпат да организираме Челенџ турнир во календарот на Европската одбојкарска федерација, реализиран според сите европски и светски стандарди, со што Скопје уште еднаш ќе го потврди своето место на Европската спортска мапа на градови домаќини на големи спортски случувања, истакна скопскиот градоначалник.

Тој на учесниците им посака спортска среќа, фер-плеј натпревари и добри резултати, но и незаборавен престој, добра дружба и забава во градот на спортот и на солидарноста – Скопје.

На Турнирот ќе учествуваат седумнаесет двојки во машка и девет двојки во женска конкуренција од нашата земја и регионот, меѓу кои од Албанија, Србија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Македонија.

Наградниот фонд изнесува 5.000 евра, по 2,5 илјади евра за двете конкуренции.

Во Скопје пристигнаа и минатогодишните победнички на овој турнир од Република Бугарија, одбојкарската двојка Светла Ангелова и Асја Динова коишто го одиграа првиот меч во женска конкуренција веднаш по официјалното отворање, а противнички во овој дуел им беа одбојкарките од Албанија, Вилдане Јашари и Назмие Ибраими. Во машка конкуренција првиот натпревар се одигра помеѓу одбојкарите од соседна Србија, Милан Киковиќ и Стефан Баста и одбојкарската машка двојка од соседна Бугарија, Тома Станков и Силвестер Иванов.

Град Скопје е генерален покровител на настанот и преку Програмата за спорт Град Скопје од Буџетот издвојува 400.000 денари, а турнирот е во организација и реализација на Одбојкарската федерација на Македонија.

You May Also Like