Репертоар:

Ќе се гради музеј на вода во Дојран

Планот е наколната населба да биде лоцирана во Стар Дојран на потегот помеѓу градската и струмичката плажа, каде што има можност да биде изграден и соодветен паркинг-простор...

Проектот ќе биде базиран на археолошките истражувања спроведени во периодот од 2012 до 2014 година кога археолозите добија сознанија и одредени елементи кои укажуваат на постоење наколна населба и на ова подрачје.

Според најавите од Завод и Музеј - Струмица, кој ги водеше истражувањата, оваа година со поддршка на Министерството за култура ќе се изработува проектот за наколната населба, а веќе следната треба да започне и нејзината изградба.

- Планот е да се направат четири објекти од праисториската епоха и еден објект мандра. Тоа е практично музеј на вода, односно поврзување на праисторијата со 20 век, односно на некој начин да ги претставиме сите оние активности што се битни за историјата на Дојран и Дојранското Езеро - вели Зоран Рујак, директор на Завод и Музеј - Струмица.

Археолошките истражувања што беа спроведени пред три години во Дојран покажаа дека првото наколно живеалиште во Дојранското Езеро било на локалитетот Мрдаја, односно на најјужната точка од езерото и датира од преодниот период од бронзената и железната епоха.

Изградбата на наколната населба ќе значи и збогатување на туристичката понуда на Дојран и заедно со големиот број проекти што беа реализирани во изминатите години ќе придонесе за привлекување што повеќе туристи и зајакнување на локалниот економски развој.