Репертоар:

Новоистражуван локалитет Кале–Отовица во реонот на езерото „Младост“

Екипа на Народниот музеј од Велес во текот на октомври првпат истражуваше на локалитетот Кале-Отовица на територијата на велешкото езеро „Младост“.

Овие истражувања се одвивале со сондажни археолошки ископувања, вели археологот д-р Анита Василкова Мидоска, раководител на проектот.

Според неа, основната идеја и цел на овие истражувања била да се утврди обемот на населбата, неговата стратиграфија и хронологија на егзистирање. Гледајќи во поширок контекст иницијалниот поттик на предложениот проект има двостран бенефит.

Таа појаснува дека оваа идеја во себе содржи повеќестран и повеќеслоен пристап кој во себе би ги инкорпорирал основните вредности на еден локалитет, а тоа е пред сѐ научната вредност, потоа културното значење, а особено збогатување на туристичката понуда на областите околу езерото Малдост кое во последните години привлекува голем број посетители.

- Самиот локалитетот е лоциран на едно возвишение на крајниот источен огранок од ридот Бајраче, до јужниот раб на езерото Младост и со својата позиција имал стратегиска важност, контролирајќи ја целокупната Велешка котлина и Отовичкото поле. Сепак, и покрај своето воено-стратешко значење локалитетот досега не е археолошки истражуван и сите сознанија се базираат врз основа на рекогносцирања или случајни наоди. Тој е определен како refugium (прибежиште/збег) кој егзистирал во доцноантичкиот период иако на локалитетот, случајно, се пронајдени 13 монети од последните кралеви на македонската династија, Филип V и Персеј, појасни Василкова Мидоска.