Репертоар:

Интензивни зафати во манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово

Манастирот е единствен во Македонија кој има галерија и работилница за мозаици кои ги изработуваат монахињите...

Во рамки на посетата на Берово, министерката Канческа-Милевска го посети и манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“, кој е споменик на културата.

Во манастирот е црквата од 1818 година, на чие осветување пред 200 години присуствувал просветителот Јоаким Крчовски.

Минатата година Националниот конзерваторски центар интензивно работеше на реставрација и конзервација на манастирскиот конак и на црквата, кои добија нов покрив. Во следната, втора фаза, ќе се изврши препокривање на Владичкиот конак, на Галеријата на мозаици и на камбанаријата.

- Во првата фаза е извршено целосно препокривање и зајакнување на конакот и на црквата, што беше акутно и многу значајно. Првата фаза е завршена, препокривањето е направено со најсовремени техники, вратени се ќерамидите, а се со цел да се заштити овој споменик на културата. Минатата година беа издвоени 4 милиони денари за првата фаза, а до крајот на годинава ќе заврши и втората фаза во која ќе се работи на зајакнување на столбовите на црквата и зачувување на ентериерот и декоративните елементи во црквата и во конаците. Очекуваме втората, завршна фаза да биде до крајот на годинава, со што манастирскиот комплекс и црквата од втората деценија на 19 век ќе си го врати својот сјај. Ова е симбол на градот и е значаен и за Берово и за посетителите што доаѓаат тука, истакна министерката за култура.

Градоначалникот Драги Наџински се заблагодари што комисијата во Министерството за култура го избрала Берово оваа година да биде 14-ти Град на културата.

- Верувам дека ова што го добивме како општина е заслужено и дека тоа ќе биде и наша голема обврска за уште поуспешно да бидат реализирани проектите од културата и уметноста во текот на целата година. Верувам и дека настаните ќе го зголемат бројот на туристи и гости и со тоа ќе го поттикнеме економскиот напредок во нашата општина, рече Наџински.