Репертоар:

Колекција венчаници „Утринска роса" на креаторката Антонија Ристовска

Ова е втора колекција венчаници која е работена под подбрендот Antonija Ristovska Bride основан минатата година, подбренд наменет за идните невести...

Колекција инспирирана од пролетта со сите нејзини украси: пролетната утринска роса, расцутени гранки, пупки и цветови, утрата во кои таа е сонлива, а истовремено присутна и освестена. Кроевите во основа се многу женствени и суптилно ја истакнуваат убавината на женската фигура.

На секоја венчаница е работен рачен вез, со мониста, свилен конец, тантела и нежни 3Д цветови, детали кои им даваат посебна вредност. Стилот на венчаниците е бајковит и со вонвременска елеганција.

Во моделите ќе се препознаат девојки со истенчен вкус, кои имаат софистициран стил и посебна харизма. Колекцијата е составена од две под колекции. Првата е составена од модели во кои помалку или повеќе се застапени нежно розевата и светло сината боја.

Кроевите се романтични, со доработки со мониста аплицирана на венчаниците преку нова техника. Во втората потколекција доминираат елегантни бели венчаници доработени со изобилство на 3Д цветови и богати тантели.

Колекцијата се состои од 20 модели во различни кроеви: А линија, принцес, права со висок шлиц, сирена и кратка.