Репертоар:

Отворен петнаесеттиот Моден викенд Скопје

Со најновите креации за пролет/лето 2017 на Јована Филиповиќ беше отворен петнаесеттиот Моден викенд Скопје во салонот „Порше Македонија“...

„Жената е како водата. Едноставна, единствена, ладна, мирна, брановита. Наизглед мирна, а незамисливо моќна. Токму таква е и колекцијата. Сензуална, минималистичка и едноставна на изглед, а сепак секое парче е посебно, уникатно и моќно. Нијансите кои произлегуваат од длабочината на океанот се пресликани во флуидните и лесни модели, бои и текстури.“, вели дизајнерката Филиповиќ која со оваа колекција ја слави петгодишната соработка со „Пелистерка“.

Втората ревија на првиот моден ден ги претстави најновите парчиња уникатен италијански накит од „Sigma Jewelry“ под слоганот „Пролет е време за убави нешта“.

Дебитираше и младата Емира Имери со колекцијата “Heyoka” за пролет-лето 2017 година.

„ Уникатноста на оваа колекција се огледа во специфичните и внимателно одбрани материјали за да се долови дизајнот на перфектен начин. Колекцијата со себе носи посебна живост и дополнување на духот на силните жени кои ги носат креациите“, вели Имери.

Вечерта ја заокружи колекцијата на „Alshar by Silvija Miha“ под името “Out of Africа“. „Инспирацијата за колекцијата е од филмот “Моја Африка“ (Out of Africa), поточно од ликот на Карен кој го глуми Мерил Стрип - прикажана како борец, голем индивидуалист, истовремено силна и принципиелна личност.

Колекцијата ќе го има сенсот на колонијална Африка и представува современо видување на креациите што ги носи Карен - парчиња инспирирани од сафари стилот. Креациите се со нагласени геометриски и архитектонски форми со изразен волумен и асиметричност.“, објаснува дизајнерката Силвија Михајловска.

Ревијата беше проследена со настап на Тèа Шалдева - со специјално подготвен DJ-сет.

За студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршки факултет, 2017 година ќе значи „Метаморфоза“. Под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие ги презентираат своите дизајни во три фази, од кои првата е изложба во рамките на петнаесеттиот Моден викенд Скопје.

Водени од оваа тема ќе развиваат идеи налик на трансформација на пеперутка, или можеби некој друг организам. Повторно во соработка со идните биотехнолози од ТМФ, покрај модата, интерпретацијата на оваа тема ќе биде заедно со актуелните трендови во гастрономијата. Изведбата на молекуларна храна и пијалаци на катедрата за прехранбена и биотехнологија ќе биде придружена со изложба на накит од јадлива превлака.

Втората фаза ќе биде одбележана со традиционалната модна ревија на ТМФ во јуни и на крај повторно учество на Модниот викенд во октомври со ревија, каде ќе биде заокружен целиот процес кој претрпел еволутивни промени низ сите фази.

За време на тридневното случување до 2 април, во фоајето на салонот посетителите ќе ги забавува скопското дуо Chill Play.