Репертоар:

„Подем на гревот“ на Папаз го отвори скопскиот Моден викенд

Седејќи така по шеснаесети пат во редовите на Модниот викенд Скопје, додека уживав во претставувањето на новите колкеции на македонските дизајнери размислував...

Лесно ни е на нас дуздисани, седнати во „ложата“ критички настроени кон парчињата кои дефилираат пред нас, кон манекенките чие срце тупка со цел правилно  да исчекорат по замислената модна линија. 

Но кој знае како им е на дизaјнерите од зад пистата, замислете каков товар носел сево ова време Андреј Папаз Ѓоргиевски знаејќи дека треба да го означи почетокот на  скопскиот Моден викенд, најголемиот моден спектакл во нашата земја. Чинам му олесна кога го слушна тој громогласен аплауз и овациите по завршувањето на ревијата. А ревијата? Драма, да влезев на средина без да го знам распоредот со сигурност ќе погодев кој стои зад потпсот на овие креции. 

Ми остави впечаток тоа што колекцијата имаше целина, поврзаност и маските на лицето што ги носеа девојките.  По мој вкус ќе го издвојам струкираното црно сако со кожени детали и патент кое е полн погодок за секаков тип на жена, белиот фустан со примеси на несекојдневност и едноставност, кој би бил добра варијанта на некоја заводлива модерна невеста и фустанот кој ја затвори ревијата. Секако симболиката во веењето на „гревот“ со лелеавите долги парчиња кои се ширеа низ просторот суптилно протнати низ целата модна претстава придонесоа да отпатуваме со мислите во некоја далечна земја. Дизајнерот пред нас  ни го донесе Блискиот Исток во пет минути.  

Тој за својата колекција ќе каже :

„Централното место во колекцијата ја зазема приказната за Содома и Гомора, два библиски града, синоними за грев, блуд и разврат. Колекцијата „Подем на гревот“, сугерира со нагласена сексапилност, инспирирана од човековата сексуалност и хедонизам. Силуетата во исто време e провокативна и елегантна, употребени се повеќе видови на еко кожа, свилен жоржет, штоф и чоја. Земајќи предвид каде се смета дека Содомa и Гомора се наоѓале териториски, деталите се преземени од традиционалната облека од Блискиот Исток.“, вели Ѓоргиевски.

Симнувам шапка за изборот на музиката совршено вклопена со односнот на манекенките. Девојките од сезона во сезона се сè подобри и подобри и конечно предизвикуваат емоции, ежење, кај гледачот, барем кај мене.

Ледот е скршен, модната магија рaспрскана, но ништо полесно не ѝ беше и на дизајнерката Викторија Арсовска. Една од најубавите модни нишки ми е кога дизајнерите умешно ги адаптираат жените во машки кроеви.  Потенцирајќи ја силата на жената во едно бунтовно време, дизајнерката со оваа колекција ни прикажува  женственост и сексапил преку кроевите инспирирани од машки униформи и преку машката грубост на посебно избрани материјали. Манекенките дефилираа во еден војнички и силен чекор придонесувајќи за моќта на колекцијата. Ѕиркаат затегнати корсети под длабоки и тешки капути и елеци, длабоки деколтеа и истакнати облини. Видовме и свилени фустани помешани со коежени ремени и метални копчиња. Сè на сè дизаjнерката вешто ги помешала крутиот штоф и лесните лелеави материјали пренесувајќи силна порака за жената во време на Француската револуција, која се борела за права и еднаквост и нејзиниот марш како основа на статусот кој  го ужива подоцна односно денес.

Коцарева пак нè испрати со свечени креации од 20-тите години на 20 век. Гламурозни креации изработени од природни пердуви и рачни везови. Светкави материјали и детали  преточени во софистициран модни изгледи за посебни пригоди. 

Скопје продолжува да дише во ритамот на модата и овие два дена.

Александра Бела