Репертоар:

Куратица подготвена за 20-от Василичарски карневал

Жителите на охридското село Куратица оваа година по 20-ти пат ќе го организира веќе традиционалниот Василичарски карневал под маски.

Организациските активности привршуваат, маските се подготвени, а веќе е објавена и официјалната карневалска програма која предвидува двоедневна забава за локалното население и за гостите, сето во духот на традицијата. 

Празнувањето ќе започне на 13 јануари со палење на василичарскиот оган, а потоа е најавена обиколка на василичарската група составена од зетот, невестата и бајачот по домаќинствата на Куратица.

Главната манифестација односно карневалот под маски е предвидено да започне од 19 часот, што ќе кулминира со главното дефиле под маски по што ќе бидат прогласени и победниците односно најинвентивните и најуспешните маски. Организаторите на карневалот најавија и голем огномет со кој ќе привршат годинешните прославувања на празникот.

Карневалот во Куратица веќе се етаблира меѓу позначајните во државата, покрај струмичкиот и вевчанскиот. Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.