Репертоар:

Манифестација „Невестинcко поклонение“ во Конопница

Во недела, 5 март, во црквата „Свети Теодор Тирон“ во кривопаланечкото село Конопница по осми пат ќе се организира традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2017“...

Организаторите истакнаа дека интересот на невестите за учество е голем, а пријавувањето сеуште трае.

– Бројот на пријавени невести кои со своите свекрви ќе се поклонат пред светецот е двоцифрен, а очекуваме до недела таа бројка да се зголеми, па годинава да има и рекорден број учеснички. Интенцијата e да ја поврземе манифестацијата со националните настани од овој тип, затоа поканети се да учествуваат и очекуваме да бидат дел од настанот и невестите од Галичка, Пијанечка и Шопска свадба. Дополнително, ќе направимe напори да имa и учесници надвор од границите на Македoнија, за манифестацијата да добие интернационален предзнак, изјави Стојанче Величковски, координатор на „Поклонение на свети Теодор Тирон“.

Манифестацијата се одржува во викендот на верскиот празник Tодорова сабота, под покровителство на локалната самоуправа на општина Крива Паланка. Возобновена е врз основа на вековната традиција од овој крај, а годинава ќе бидат вклучени и млади дечиња кои ќе изведат подзаборавен ритуал наречен „посипка“.

– Пред невестите да ги примат свечените поклоненички марами, дечињата, облечени во носии, ќе направат своевидно сценарио на посипување на невестите и свекрвите со вода од лејка. Ќе направиме напори тоа да бидат дечиња на невестите од првата манифестација од 2010. Овој чин ќе му претходи на главното поклонение, додаде Величковски.

Тој го потенцираше значењето на настанот за жителите од овој крај како манифестација, која ги зачувува обичаите, верувањата и традициите.

Настанот се одржува во црквата „Св. Теодор Тирон“ во Конопница каде овој ден се слави како селска слава.

По церемонијата свештенослужителите од Кривопаланечкото архиерејско намесништво ќе одржат водосвет во дворот, а ќе се сече и славски колач за примопредавање на кумството.