Репертоар:

Прилеп спремен за меѓународниот карневал „Прочка 2018“

Прилеп е подготвен за меѓународниот карневал „Прочка 2018“. В недела на големото дефиле на маските ќе има околу 1000 учесници од земјава и страство кои ќе ги прикажат своите поединечни и групни маски, информираа на прес конференција организаторите на оваа манифестација - прилепската локална самоуправа и здружението „Прилепски мечкари“. 

В недела во центарот на Прилеп, на големото карневалско дефиле ќе учествуваат околу 1.000 маскирани со поединечни и групни маски. Во официјалниот натпреварувачки дел ќе учествуваат групи од градови и општини кои ги негуваат карневалските традиции. Ќе учествуваат групи од Будва, Црна Гора, Бања Ковиљача, од Врњачка Бања, Лесковац, Белград, од Шабац, Бела Црква, сите од Србија, од Корча Албанија, од Перник Бугарија, од познатите македонски карневалски места Мокриево, Куратица, од Бегниште, Кавадарци, Ратево, Струмица и од Радовиш.

Карневалските свечености почнуваат в петок напладне со изложбата на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ кои ги направија учениците од прилепските училишта. В сабота во центарот на градот е детскиот карневал, а в недела, на Прочка, во 13 часот е големото дефиле на маските од земјава и странство. Жири комисија ќе ги награди најдобрите и најоригинални поединечни и групни маски. Се очекува карневалот да го следи претседателот на Асоцијацијата на европските карневалски градови Ван дер Крон.

Претседателот на здружението „Прилепски мечкари“ Ванчо Георгиев најавува и гости од Украина и се надева дека на ова 17. издание на карневалот ќе бидат прикажани особено оригинални маски, а посебна треба да биде групната маска на „Прилепските прочкари“. Прилепскиот карневал според видот на маските е во редот на ретките во Европа.

- Со карневалот Прилеп станува голем туристички бренд. Прилепскиот карневал е меѓу единствените во Европа зашто има современи, но и стари маски кои ги негуваат вековните традиции во Прилепско. Радува што подмладокот работи и изработува современи маски кои не може да се видат на Балканските карневали, рче Георгиев.

В недела вечерта карневалската забава ќе продолжи за сите гости-учесници.