Репертоар:

„Прочка 2018“ во Прилеп со креативни и инвентивни маски

Со карневалската забава со маски и доделувањето на наградите на најдобрите поединечни и групни маски, викендов во Прилеп заврши меѓународниот карневал „Прочка 2018“. Добитник на најпрестижната Гран-при награда за „најмаска“ е традиционалната маска „Мечкарите“ од Птуј од Словенија.

Според жирито, карневалот годинава ќе се памети по креативни маски, по многу инвенција на учесниците, со кои се демонстрира продолжувањето на традицијата на „преправање“ на овие простори, што трае со векови.

Оценувачката комисија на „Прочка 2018“, во состав: Хилда Црнеска-претседател и тројца членови: Габриела Шукуроска, Рубин Белчески и Благоја Атанасоски имаа тешка задача, да ги изберат најдобрите, а сите учесници беа со свои автентични маски со кои пренесуваа различни пораки.

Во категоријата традиционални маски наградени се: „Ратевски бамбурци“ од с. Ратево, Беровско, на кои им е доделена првата награда. Втора награда доби маската „Кураичка крвава свадба“ од с. Куратица,  Охридско и „Стари Странчинари“ од Мокриево ја добија третата награда.

Во категоријата „современа маска“, прва награда доби танцовиот клуб „Зодијак“ со „Аладин и волшебната ламба“, второнаградени се „Палави колачиња“ од Пробиштип и третонаградени се „Black Dolls“ од СОУ „Орде Чопела“.

По прв пат годинава е воведена категорија „странски маски“. Првонаградена е маската „Балкан“ од Корча, второнаградена е „Мажуретки“ од Бела Црква, Србија и третонаградена е маската „Оган“ од Будва, Црна Гора.

- Жири комисијата имаше многу напорна работа. Имавме многу успешни  маски, креативи, се работело, очигледно, многу време. Критериумите за оценка, беа за сè. Почнувајќи од чевлите, костимите, кореографијата, сценскиот настап, изведбата и сето тоа придонесе да имаме една тешка работа за избор на најдобрите маски, рече Црнеска.

Добитниците на наградите со импресии ја раскажуваа својата приказна.

- Ја освоивме првата награда за перформанс, со маската „Оган“ во која учествуваме 16-мина. Работевме со месеци, рече Сандра, учесник во наградената маска, која што е репрезент на Будва.

Меѓу наградените се и маски што ги подготвуваа учениците со своите ментори, а учествуваа на детскиот карневал.

- Ние сме од ОУ „Рампо Левката“, редовно учествуваме на карневалот и речиси секогаш сме меѓу наградените. Чест ми е што добивме прва награда со детската маска „Да не ни венеат цвеќињата“ во која учествуваа 30-ина ученици, изјави менторот Благоја Дукоски.

Второто место им припадна на „Мудрите танчерки“од ОУ „Добре Јованоски“  и третото место го освои ОУ „Климент Охридски“ со маската „Касни порасни“.

Во категорија на „современи маски“, првонаградена беше маската: „Свемирски суштества“ од ОУ „Добре Јованоски“, втората награда ја доби „Снешковци“ од ОУ „Кочо Рацин“ и трето место го освои „ПОП корн“, со дечињата од ЈОУ „Наша Иднина“. Во категоријата „Театрални маски“, првата награда им припадна на „Музика за тронови“ од Крушево, „Пролетно будење“ од ОУ „Гоце Делчев“ и третото место ја доби маската „Петар Пан“ од ОУ „Кире Гаврилоски –Јане“.

За прв пат годинава е воведена категорија „странски маски“. Првонаградена е маската „Балкан“ од Корча., второнаградена е „Мажуретки“ од Бела Црква, Србија и третонаградена е маската „Оган“ од Будва, Црна Гора.

фото: Шеталиште