Репертоар:

Струмичкиот карневал меѓу седумте највозбудливи зимски дестинации во Европа

Во магазинот „Во воздух“ на словенечкиот авиопревозник „Адриа“ Струмичкиот карневал е понуден како возбудлива зимска дестинација од вкупно седум такви во Европа. 

И во печатеното и во електронското издание на магазинот, токму на македонскиот карневал му е посветено големо внимание со многу корисни информации како да се стаса до Струмица во времето на одржување на карневалот.

- За да може да ја почувствувате оваа зима малку поинаку и да си дозволите неколку задоволства што оваа година ги обезбедува (и покрај ниските температури), подготвивме краток водич за седумте најдобри зимски фестивали и карневалски дестинации во Европа. Ние внимателно избравме група атрактивни европски градови кои на посетителите им нудат се, од уникатни зимски прослави и карневали, до светлосни спектакли и уникатни фестивали за скулптури од мраз, стои во образложението на изборот.

Покрај нашиот карневал, словенечкиот авиопревозник ги избрал уште и Фестивалот на скулптурите од мраз во Хаселт во Белгија, Фестивалот на светлината на отворено во Амстердам, Карневалот во Љублана „Збогум зима, добредојде пролет“, Карневалот во Венеција (Италија), Карневалот во Минхен (Германија) и карневалот “Петтата сезона во годината“ што се одржува во Келн (Германија).

Инаку, Струмичкиот карневал годинава ќе се одржи од 14 до 21 февруари, а главната интернационална вечер е на 17 февруари (сабота).