Репертоар:

Холандскиот филм „Малиот гангстер“ од денеска и во македонските кина

Холандската детска комедија „Малиот гангстер“, од денеска (20 април) ќе биде прикажана во неколку десетици киносали во Македонија, Хрватска и во Албанија, синхронизирана на јазикот на земјата каде се прикажува и истовремено на Video on Demand платформата Cinesquare.net. 

Во Скопје филмот може да се проследи во кината „Синеплекс“ и во „Милениум“ до 28 април.

Урнебесна детска комедија синхронизирана на македонски и на албански јазик ќе можат да проследат неколку илјади основци од земјава. Филмот е дел од поголем меѓународен проект што се случува во Македонија, Албанија и во Хрватска и покажува нови форми на кинодистрибуција, а го кординира продуцентската куќа „Катавеј“.

Детскиот холандски филм „Малиот гангстер“ е еден од најдобрите холандски семејни филмови во последните години. Победник на најголемите филмски фестивали за деца во светот – „Синекид“, „Џифони“, „Оулу“, фален од жирито и од публиката. Комедија со шмек на американските гангстерски филмови - духовита ода за училишните згоди и незгоди. Филм наменет за најмладата публика од 8 до 14 години и сите што сакаат одлична комедија.