Репертоар:

Реакција на Винко Грубишиќ и „Јадран филм“ за серијата „Македонија“

„Јадран филм“ ДООЕЛ ги отфрли како потполно невистинити информациите за проектот играна серија „Македонија“...

Како што соопшти продуцентот Винко Грубишиќ, „јасно е дека некој од свои причини на сосема некоректен начин погрешно ја информирал Владата на РМ. Тоа е отидено толку далеку што дури и портпаролот на Владата изнесе сосема неточна констатација дека воопшто не сме ја снимале серијата".

- Заради оваа објавена невистина, многу порано од тоа што планиравме на интернет ќе објавиме делови од снимениот материјал за да ја докажеме вистината и да покажеме дека некој неточно ја информирал Владата. Сметаме дека после тоа имаме полно право да очекуваме дека тие кои свесно и намерно ја измамиле Владата, треба да одговараат за предизвиканата штета, пишува Грубишиќ во реакцијата и ветува дека серијата ќе биде завршена без оглед на, како што нагласува, сите препреки и предизвици.

Според него, целосна невистина е и дека средствата се потрошени ненаменски.

- Сите потрошени средства кои се доделени од страна на Агенцијата за филм се наменски и не постои никаков доказ кој говори спротивно на ова. Целосниот финансиски извештај јасно покажува дека доделените средства се трошени согласно одредбите од Договорот и Законот за филмска дејност - строго наменски за потребите на предпродукција и продукција на првата сезона од серијата, наведува Грубишиќ.

Додава дека јавно ќе биде објавено каде и како е потрошен секој денар.

- Во договор и согласност со соработниците јавно ќе ги објавиме и сите елементи на буџетот, а тоа ќе го побараме од сите копродуценти. Немаме што да криеме. Истото ќе го направиме и за динамиката на снимање, која спротивно од изнесените информации е поинаку договорена за што исто така имаме докази кои ќе ги објавиме. Бараме пред членовите на Владата да ги презентираме сите документи и целиот проект, вклучувајќи ги и доказите кои јасно потврдуваат кој и зошто ја измамил Владата и целата македонска јавност, вели Грубишиќ во реакцијата и потсетува дека серијата се подготвува 1,5 година, а во нејзината реализација, дополнува, се ангажирани голем број соработници од Република Македонија и од целиот свет.

Од приходи на дистрибуција на серијата, уверен е продуцентот, во буџетот на Република Македонија ќе се вратат повеќе од 200.000 долари, а серијата ќе биде прикажана низ целиот свет. Веќе, како што информира, е договорена дистрибуција во девет земји.

Промо материјалите и трејлерот овие денови ќе излезат во јавноста, подвлекува  Грубишиќ.