Репертоар:

„Срце од камен“ најдобар филм на „Синедејс“, фестивалот затворен со „Исцелител“

 „Срце од камен“ – исландско-данска копродукција на режисерот Гудмундур Амар Гудмундсон е најдобар филм на 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“, беше соопштено на синоќешното затворање на фестивалот во кино „Милениум“.

 

Избран е за најдобар меѓу осум остварувања во Официјалната селекција, според жирито, во состав: Семих Капланоглу, Евгенија Тирдатова и Марија Драндаки. Во нивното образложение е наведено дека филмот е „искрен и длабок опис на проблемите со кои се соочуваат тинејџерите во нивното растење“.

Награда за најдобра режија доби филмот „Надвор“ на Ѓорѓи Кристоф (копродукција меѓу Словачка, Франција, Унгарија и Чешка) затоа што „создава вистинска слика за денешниот живот во Источна Европа“. За најдобро сценарио беше награден филмот „Плоштад Америка“ кој е приказна за емиграцијата, а автори на сценариото се Вангелис Моурикис, Јанис Сакаридис и Јанис Цирбас.

Во натпреварувачката програма СинеБалкан меѓу шесте балакански филмови за најдобар беше прогласен албанскиот „Зора“ во режија на Гентијан Кочи, а Специјална награда во оваа селекција доби хрватскиот „Трамполина“ на режисерката Катарина Зринка Матијевиќ. Одлуката за филмовите во оваа програма ја донесе жири во состав: Ник Џелилај, Павлина Желева и Велибор Топиќ.

Меѓу филмовите од Студентсата програма награден е „Чистота“ на Невен Самарџиќ од Академијата во Сараево. За најдобра филмска критика, пак, беа доделени втора и трета награда – на Максим Осман Николов и Сашо Пшенко

Годинашниот „Синедејс“ го затвори филмот „Исцелител“ по сценарио и режија на Ѓорче Ставрески, кој беше прикажан во гала-програмата. Тоа беше негова македонска премиера по неодамнешната светска - на Солунскиот филмски фестивал. Филмот е македонско-грчка копродукција, финансики поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Грчкиот филмски центар и SЕЕ Cinema Network.

Публиката во исполнетото кино „Милениум“ ја поздрави со аплаузи филмската екипа која излезе на сцена заедно со режисерот Ставрески, кому „Исцелител“ му е прв долгометражен игран филм.

- Со оваа комедија сакав да го свртам вниманието на нашиот распаднат здравствен систем кој, за жал, одвреме-навреме ние мора да го користиме. Доживеа целосен колапс. И тоа, во некаква спрега со сиромаштијата која не згази низ овие години, придонесе кај мене да се роди револт што резултираше со овој филм. Би сакал да видам поправедно општество во Македонија, рече Ставрески.

Напомна дека филмот е прва македонско-грчка копродукција (Фрагмент филм и GRAAL S.A.) и дека имал прекрасен прием на фестивалот во Солун каде доби и награда од публиката во програмата „Balkan Survey“. Режисерот рече дека би сакал добри односи со грчкиот народ кој многу добро го примил.

- Тоа беше еден мост меѓу двете култури. Мислам дека проблемот е, пред се, политички, додаде Ставрески по проекцијата на филмот.

„Исцелител“ од денеска ќе биде на репертоарот на „Милениум“, а „Синедејс“ по синоќешното официјално затворање ќе продолжи со филмски маратон до 29 ноември во Џебното кино на Младинскиот културен центар.