Репертоар:

(ЕКСКЛУЗИВНО) Славој Жижек: Глобализацијата е добра за културата

Го нарекуваат „Елвис на марксизмот (и на модерната теорија)“, „дежурен европски дисидент “ или enfant terrible на пост-модерната филозофија, но Славој Жижек е несомнено еден од најголемите и најгласни интелектуалци на денешнината и ужива статус на рок-ѕвезда.

Според Џон Н. Греј „Жижек е денес она што Жак Дерида беше во осумдесеттите: омилен мислител за младата европска интелектуална авангарда“.Неговите видео-говори, филмови, (https://www.youtube.com/watch?v=IgR6uaVqWsQ), анализи, обраќања и предавања се масовно посетувани и вирално (https://www.youtube.com/watch?v=2ZUCemb2plE) и реално, а речиси и да не постои актуелен светски миг (https://www.youtube.com/watch?v=PM0I5k50XsY) за кој тој не се произнел со критичка анализа. Тука се и неговите филозофски гледишта за среќата, стравот од вљубувањето, политичката коректност итн. (https://www.youtube.com/watch?v=U88jj6PSD7w), кои се вистински хит на Јутуб.

Страствен во објаснувањата, без да се штеди, Жижек е од оние филозофи што ја носат Агората во себе. „Многу сум изморен за интервју, но ќе се нафатам ако е кратко и брутално“ - дофрла шеговито и без задршка ги објаснува своите тези, опширно одговарајќи на прашањата.

Веќе подолго време  зборувате дека на Балканот се случува процес на прекројување, па се гледа ли неговиот крај?

-          Не, напротив, нестабилната ситуација со Косово треба да се реши, идеално би било тоа да се приспои со Албанија, секако има дел и за Србија, но спојувањето со Албанија би требало да биде со некаков меѓународен договор или гаранција. Според мене ирационално е да постојат две различни држави со етнички иста нација. Така со меѓународна гаранција би се добила стабилност. Можеби е утопистично, некои велат дека сум етноцентричен, но која е алтернативата? Сепак, живееме во епоха на етнички чисти држави и тоа само се засилува. Оние кои беа против етнички чистите држави сега ја поддржуваат Каталонија, ја поддржувам и јас, но тоа што мене ме лути е неконзистентноста на западните левичари – истите оние кои беа за независност на Шкотска, беа против единството на Југославија и ако таа се распадне тоа беше некаква католичко-германско-неофашистички заговор. Шкотска да се осамостои од Англија е во ред, а тука тоа не е е, тоа е типичен пример за западниот расизам. Некои смеат да бидат самостојни, а некои не. Кога некој ми зборува за Југославија, велам – оставете го тоа, сепак виновник е Западот.

Сепак и понатаму сметате дека треба да има здрава и нова левица?

-          Да, апсолутно и тоа многу радикална. Јас тврдам дека само левицата може да ја спаси Евопа. Во моментов имаме три Европи: Бриселска која е досадна технократија што не функционира и  не ја извлече Европа од економската криза. Потоа ја имаме Европа која е политички дезорентирана, која не знаеше што со мигрантската криза пред 2-3 години, а не знае ни сега што со Каталонија и имаме една нова оска на злото. Тоа се Хрватска, Словенија, Балтичките земји, Полска, Чешка, Австрија, Унгарија . Тоа е национал-десничарска Европа и тие се главните бранители на Европа. Ако провладаат - на Европа и нема спас, затоа  е потребна здрава левица како проект кој ќе преземе се што е вредно: еманципација, човечки права, економска правда и еднаквост. Ниту анамичната технократија, ниту десничарските патриоти не се Европа, тоа е варваризам.

Каде е Македонија во тоа прекројување?

-          Не знам доволно, но кога ќе кажат дека вие сте мала земја, исто како Словенија, и дека малите земји немаат шанси со новите блокови кои се формираат, мислам дека решението е еднаквост, заедничка рамка, соединета Европа. Тоа е мојот идеал. Нека Каталонија се оддели од Шпанија, нека Шкотска се оддели од Англија, тоа нема да ја ослабне Европа, напротив, ќе ја зајакне, а во тоа  еклучот.

Гледате успешен исход од овој рецепт?

-          Не, не, напротив, многу сум песимист, не гледам крај, туку гледам криза која може да доведе до експлозија. Тоа се виде со Каталонија, бидејќи тоа не беше јасна политика, а најлошо е ако продолжи сегашната ситуација. Европа реагираше скандалозно, исто како со мигрантите. Има уште нешто помрачно, некои мои пријатели зборуваат за демократија. Каква демократија?! Тоа не постои, луѓето немаат права! Во повеќето земји просечниот граѓанин беше многу повеќе против мигрантите, отколу Брисел, а тоа е така затоа што популистите се спротиставија на тоа. Затоа сум јас брутелен реалист. Да не заборавиме дека и Хитлер помалку или повеќе беше демократ. Луѓето автоматски немаат право. Живееме во многу кризен период. Тука се и Америка и новата оска на злото во Европа која му се спротиставува на Западот.

Како сево ова се одразува на културолошката матрица, културата и фолклорот?

-          Ќе кажам нешто лудо – Глобализацијата е добра за културата! Јас на пример сакам трилери, а на филмот и во Тв сериите се појавија еден куп мали кинематографи и култури на малите нации кои имаат што да понудат и дадат (пр Данска). Па имате исландски, тајландски, холандски филм. Секако Холивуд е повторно најмоќен, но сепак имате многу мали и нови култури. Дури и вие имавте свој филмски момент со Милчо Манчевски и „Пред дождот“. Во литературата еден Исланд со 300 илјади жители има двајца светски автори кои имаат бестселери. Така треба да се гледа на глобализацијата, не само преку Америка, туку и на моментот на појавата на добри автори од помалите култури.

Кога рековте дека сте  жртва на романот „Нема друга“на Вашата сопруга Јела Кречич (македонското издание е на Антолог) многумина очекуваа да ве најдат како лик во книгата или да прочитаат нешто за Вас. Беше ли тоа добро смислен макретинг - трик?

-           Издавачката куќа што го објави романот во Словенија побара да дадам изјава и јас во договор со Јела кажав дека немам многу нешто околу книгата освен дека по дома правам чај и слично. За таа изјава за малку ќе бев прогласен за женомрзец и антифеминист. Многумина го читаат романот како епизода на некоја лезбејка на која и треба добар маж што добро ќе ја из..е и ќе ја среди, но романот е многу поотворен од тоа. За тоа и дискутиравме со Јела. Дури и да е за лезбејка, а што не е , и тогаш љубовта оди преку границите. Она што мене ми се допаѓа е напнатоста скриена зад еден навидум лесен стил. Јас сакам такви книги, романот „Нема друга“ е како комбинација на Џејн Остин и добра ТВ серија. Остин воопшто не е лесна, не е се’ во гламурот, таму има и многу посуштински прашања за економските односни и проблеми. Читав едно такво марксистичко толкување и на Хенри Џејмс . Така всушност ја читам и Јела. После тука е и хуморот. Јас имам луда теорија дека трагедијата е можна кога нештата не се очајни, затоа што трагедијата подразбира некакво достоинство на жртвата, како во времето на Титовите херои. Од друга страна за Аушвиц на пример нема трагедии, најдобрите филмови на оваа тема се комедии, и тоа не онаков хумор од кој се смееш на глас, туку повеќе како комедија на апсурд и тоа далеку подлабоки од онаа „La vita e bella. .. Е во таков очај се јавува комедијата и хуморот. Што се однесува до тоа дека сум сопруг на Јела, па не ми пречи никако, не би ми пречело ниту таа да заработува многу пари и да ме издржува или заедно да ги трошиме тие пари. Тука целосно сум феминист (се смее). Во вториот роман на кој сега работи, таа многу напредна во стилот, а пак за третиот, за кој смеам да кажам само дека ќе биде криминалистички, верувам дека има шанси да биде меѓународен бестселер.

 

Александра Јуруковска

Фото: Игор Тодоровски