Репертоар:

Хабиб Тенгур (алжирски поет): Во долг и тежок период поезијата ви помага да дишите

Хабиб Тенгур е поет и антрополог, роден 1947 година во Мостаганем, Алжир. Живее помеѓу Париз, Константин и Мостаганем и верува дека поезијата е моќна колку и реалноста.

Тенгур своите дела ги објавува кај алжирски и француски издавачи како и во поетски списанија (Poèsie...). Преведуван е на германски, англиски, арапски, италијански, холандски јазик и др.

И самиот преведува поети од англиски јазик (Пјер Жори) и од арапски јазик (Сади Јусеф, Абделамир Чавки, Монсеф Лухаиби). Во моментот води франко-алжирска група ITEM/CNRS која се занимава со генетичко и критичко издавање на комплетниот опус на Мохамед Диб. Автор е на 20 поетски книги, 10-ина прозни книги, драмски дела, преводи, есеи и друго. На Зимскиот поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата, разговаравме за суштината на поезијата во ова чудно време за човештвото.

Кои се вашите најголеми поетски преокупации и мотиви?

- Љубовта, егзилот, патувањата, зависи од периодот. За време на граѓанската војна во Алжир, изгубив многу пријатели, многу мои пријатели загинаа, тоагаш пишував за тоа, за смртта, за нив. Освен тоа пишувам и за љубовта, за поезијата и за јазикот.

Има ли во такви периоди поезијата моќ да каже нешто важно?

- Во некоја првобитна смисла има моќ колку и реалноста, но има моќ и да му ја донесе и да му ја врати убавината на светот.

Верувате ли во таа моќ?

- Да, кога живеете во толку долг и толку тежок период поезијата ви помага да дишите.

Што знаевте за Македонија и Струшките вечери на поезијата пред да дојдете овде?

- Првиот пат кога дојдов беше многу одамна, тогаш се уште бевте во рамките на Југославија, бев студент, значи има скоро 40 години. Сега е прв пат да дојдам на фестивалот Струшки вечери на поезијата и за прв пат во Република Македонија. За СВП знам многу одамна, знам дека е многу стар фестивал кој ги пречекал најдобрите поети од светот, познавам неколку големи поети како Адонис кои бие овде, ова е многу познат фестивал и јас сум многу среќен што сум дел од него.

Александра Јуруковска 

 

Хабиб Тенгур 

ВО ЗЕМЈАТА НА МРТВИТЕ (извадоци) 

Тирезиј- Зошто тогаш, о несреќнику, да ја напуштиш светлината

на сонцето и да дојдеш кај мртвите во ова безмилосно место?

 Одисеја, XI

 

СЕНКИ I 

Сите овие мртви

кој меѓу нас ќе оди да ги испраша

ќе треба ли уште еден масакр

и солзи за патот под земјата

да ни биде трасиран

освен ако овој ветер кој нè раскинува

нè направил да ја изгубиме причината

до степен да не се грижиме веќе за среќавањето

 

СЕНКИ 2

Сите овие мртви 

чии имиња да бидат повикани во кругот

рацете испружени кон молитва за збогување

неволно

не се жалиме повеќе како порано

толку луѓе исчезнуваат секој ден што срцето

одбива да регистрира болка

 

ова ли е метаморфоза