Репертоар:

Хасан Зактан (палестински поет): Поезијата е важна за зачувување на идентитетот

Името на Хасан Зактан за првпат на интернационалната сцена се јавува кога се спомнува во кратката шпекулативна листа за добитници на Нобеловата награда за литература. Toj е палестински поет, автор на 11 збирки поезија, пишува романи и колумни за односот на културата и политиката,а работел и во палестинското министерство за култура. 

Зактан е еден од најважните палестински поети во моментов, добитник на Геуфиновата награда за литература во 2013 година, одликуван со Националниот Медал на честа за неговите достигнувања во арапската и палестинската литература. Во Македонија учествуваше на Зимскиот поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата, каде што разговаравме за суштината на поезијата во ова скудно време.

Кои се најсилните мотиви и најчестите преокупации во Вашите стихови?

- Еден од моите најголеми извори е егзилот. Кога живеете во егзил и по 40 години ја напуштате родната земја, на некој начин го продолжувате егзилот, и тоа е мојот основен извор на инспирација.

Има ли во таков контекст поезијата моќ да промени нешто? 

-Јас не верувам во идејата дека поезијата може да го смени светот, но во случајат на Палестина, па и не само со неа, поезијата е многу важна во зачувување на сеќавањата, обичаите, во нашата борба да издржиме и да го зачуваме нашиот идентитет.

Кои беа Вашите први сознанија за Македонија?

- Тука прв пат дојдов пред неколку години и тоа во Струга. Многу го сакам тоа место, има нешто медитеранско во него. Јас мислам дека имаме и слични политчки проблеми. Но тука е преубаво, топло, а вашата поезија е прекрасна .

-----------------

Хасан Зактан е роден е во Беит Џала, во близина на Витлеем, а живеел во Јордан, Бејрут, Дамаск и Тунис. Неговата книга „Ме следи како жолта птица” преведена од страна на Фади Џуда е наградена со Грифиновата наградата за поезија во 2013 година. Бил номиниран во потесната листа за добитник на Нојштадовата интернационалната награда за литература од Универзитетот во Оклахома, која се смета за американска Нобелова награда, како и за Наградата за литература на Шеикот Заид 2015. По втор пат е номиниран во потесен избор на добитници на интернационалната награда Нојштанд. Творештвото на Хасан Зактан е преведено на англиски, француски, италијански, норвешки, германски и други јазици. Зактан го уредувал литературното списание на Палестинската ослободителна организација, Бајадер, како и поетскиот весник Ал-Сура и поетската страница од весникот Ал-Ајам. Основач е на Куќата на поезија во градот Рамалах, во Вест Бенк регионот. Зактан исто така работел како генерален директор на Одделот за литература и издаваштво при палестинското Министерство за култура. Живее во Рамала.

Александра Јуруковска

 

 

Хасан Зактан

ПЕСНА

Славата која подеднакво беше поделена

меѓу сите

на медали за водачите

пофалба за рангот и поведението

и слики за починатите

си го заврши своето

и сега се потпира

на песочни вреќи за да го завиткаш

и испушиш целото

пакетче тутун

пред да настапи следната војна

 

МОЛИ СЕ ЗА НАС

Моли се за нас мајко кога задремуваме

може да не се разбудиме,

моли се за нас мајко кога стануваме

може нема да заспиеме,

моли се за нас кога ќе се вратиме

од пустошот на војната

мракот на смртта е во нашите души

тревичката од гробовите

и вечната глина