Репертоар:

Илја Леонард Фајфер: Емпатијата е пресудна за денешниот свет

За Данте е голема чест што го споредуваат со мене! - низ громогласно смеење забележува еден од најитнтересните европски автори на денешнината, луцидниот Илја Леонард Фајфер ... и додава -Јас не сакам да бидам споредуван со никој, туку да бидам свој, да имам свој глас и стил“. Фајфер е во Скопје каде што вечер (25 октомври) во 20.00 часот во МКЦ ќе го промовира неговиот веќе култен роман La Superba во рамките на Фестивалот на европска литература во организација на Издавачкиот центар „Антолог“.

La Superba“ е ремек-дело на Фајфер, громогласно фалено со самото објавување во 2013 година, кога ги добило наградите „Либрис“, најпрестижната литературна награда во Холандија, и „Цум“, наградата „за најубава реченица напишана на холандски јазик“. Промоторка на романот ќе биде писателката и литературна критичарка Румена Бужаровска. Главниот херој, во кого препознаваме црти на самиот автор, ја истражува дивата страна на овој мистериозен и егзотичен град, полн со лавиринти и магија. Илја Леонард Фајфер (1968) е сестран автор. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле. Половина од критичарите го сметаат за гениј, а другата половина за ретростилист. Неговата последнообјавена поетска збирка е првата книга поезија што некогаш ги освоила трите најголеми поетски награди во Холандија.Пред вечерашната промоција разговор со луцидниот Фајфер за многу нешта, меѓу кои и за она што му недостасува на денешниот свет. 

Зошто Џенова?

- Тоа беше случајност, пристигнав пред 8 години по едно многу чудно патување. Во летото 2009 одлучив да патувам со велосипед од Холандија до Рим, што беше многу глупава одлука (се смее). Патував покрај море, покрај ридови, долг пат и стигнав во Џенова во која се вљубив на прв поглед. Толку многу што решив да останам неколку месеци, а потоа уште неколку, за на крај да си побарам и стан таму, но на многумина им кажав дека ќе стигнам во Рим, па решив да ја исполнам целта. Потоа повторно се вратив во Џенова и продолжив да го пролонгирам моето заминување од таму. Тоа е фасцинантен град, полн возбуда и инспирација, сретнав и девојка, сега живееме заедно, така што причините за останување во Џенова се секогаш се повеќе.

Можеше ли приказнaта за La superba да биде за некој холадски град? Можете ли да ја замислите видена низ очите на мигрант што пристигнува во Холандија?

- Да, секако, јас живеев во Холандија 40 години, ја познавам многу долго, но таму нема многу изненадувања за мене, на дневна основа. Затоа сметав дека е подобро да се преселам. Но моите први книги се секако за Холандија, а не за имигрантите, затоа што миграцијата не е некоја позната и блиска тема за холандското општество. Таму читаме за мигрантите, но тие се далеку од нас, тоа е некоја медитеранска тема, а дури и Медитеранот ни’ е далечен. Кога стигнав во Џенова бев шокиран колку имигранти има. Тоа е пристанишен град, во него има многу мигранти и тие се сместени не надвор од градот, туку во неговиот центар, заедно со неговите жители. Јас бев изненаден колку всушност имигрантите влијаат на промената на едно општество. Тогаш за прв пат се заинтересирав за проблемот со мигрантите и миграцијата. Затоа напишав роман за Џенова и имигрантите – La superbа. Џенова и историски е мигрантски град, оттука доаѓале и заминувале многу луѓе, од тука заминувале и Италијаните во 19 век, пристигнувале имигранти од африка итн. 3. Дали вашиот роман е слика на Европа и прашањето за миграцијата денес? - Да, тоа е прашање кое треба да си го поставите, затоа што всушност тоа е иднината на Европа. И Џенова и Европа и двете се убави, но имаат проблеми.

 Што мислите за наградите, што значи за Вас холандската награда за најдобро напишана реченица на холандски?

- Секогаш велев дека се многу глупави, смешни и дека на добриот автор не му се потребни, но го сменив мислењето веднаш штом ја добив првата награда (се смее).

Дали навистина религијата е женска тема, како што велите во книгата?

- Во Италија е навистина така, но не толку религијата како филозофска тема, колку како нејзино практикување. Во црквите има само жени, постари жени, а мажите имаат друга религија – гледаат фудбал, а тоа е поголемо страдање од она што го знае католицизмот. Во Холандија е сосема различно, државата е секуларна, најголемиот дел се нерелигиозни, има мали делови кои се калвинисти и некои други што се католици, но тоа не е во големите градови. Сега сликата се менува затоа што доминантна религија, благодарение на имигрантите е исламот.

Како се чувствувате кога ве споредуваат со Данте и Калвино?

– За Данте е голема чест што го споредуваат со мене! (громогласно смеење). Споредбата со нив е голема чест, но и помалку смешно, јас не сакам да бидам никој од нив, туку да бидам свој, да имам свој глас и стил.

Дали може да се живее од пишување?

- Да, секако, јас живеам од тоа. Заработувам од моите дела, парите ги заработувам во Холандија, а ги трошам во Италија, ете уште една работа за што Италија е одлична (хахха).

Каква е современата холандска литература? 

- Холандската книжевна сцена е многу жива, има многу фестивали, посебно поетски, има многу автори, различни гласови, нема доминантен жанр или стил, ниту пак доминантни теми. Навистина жива.

Што мислите за фестивалите и средбата со читателите?

- Навистина многу ги ценам, мислам дека се многу важни и за нас авторите и за читателите. Средбата со нив е скапоцена, а тие пак по средбата со нас може да доживеат поинакви читање на нашето дело.

Која е улогата на книгата во денешниов свет?

- Мислам дека е многу значајна за многу нешта, треба да читаме, затоа што тоа не тера да забавиме, а тоа е важно за денешниот човек кој нема време да забави и да размисли замногу нешта. Книжевноста од друга страна помага да се развие емпатијата (сочувство) што е многу важнао Кога читате се ставате во туѓа кожа, а тоа е многу важно, затоа што емпатијата е пресудна за денешниот свет, бидејќи исчезнува.

Александра Јуруковска