Репертоар:

Мартин Јовчески (Бас Инфузија): Кинескиот пазар е гладен за западна музика и култура

Шангај е неверојатно инспиративно и креативно место, со богата уметничка и музичка сцена. Да не заминев за Шангај, не верувам дека ќе се посветев на фотографијата до степенот на кој што сум сега. “  - вели Мартин Јовчевски диџеј, радио водител, основач и уредник на порталот bassinfusion.com, еден од организаторите на првиот македонски дабстеп фестивал Bass Platform и одличен фотограф кој веќе има меѓународен успех.

Неодамна неговата сeрија фотографии снимени на улиците на Шангај се најде на страниците на престижниот магазин C-Heads

Скромен за се’ она што го создава со многу креативност и љубов, пред повторно заминување за Шангај каде што студира и работи, го убедивме Мартин (Бас Инфузија) за неколку брзи одговори за cooltura.mk

Како се роди серијата фотографии „Улиците на Шангај“?

- Интензивно фотографирам веќе една година, иако на чисто аматерско ниво и од задоволство. Меѓутоа, животот во Шангај ми овозможи да се посветам посериозно на фотографијата, давајќи ми време, инспирација и многу моменти што може лесно да се фатат.

Што значи за вас претставувањето во престижен магазин како C-Heads?

- Не ми се веруваше, искрено. За мене лично е знак дека сум на правиот пат и дека треба да продолжам да учам и да се развивам како фотограф.

Што значи за еден креативец да живее и работи во Кина/ Шангај?

- Шангај е неверојатно инспиративно и креативно место, со богата уметничка и музичка сцена. Да не заминев за Шангај, не верувам дека ќе се посветев на фотографијата до степенот на кој што сум сега.

Каква е нивната музичка сцена?

- Шангај има популација од 25 милиони. Ова си повлекува многу. Музичката сцена е доволно голема да го задоволи сечиј вкус. Кинескиот пазар е гладен за западна музика и култура.

Македонската публика те памети по клупските настапи, дали наоѓаш време за музика и таму? 

- Да. Исто како и фотографијата, музиката е неразделен дел од мене. Имав среќа да најдам неколку места каде што можам да пуштам музика. Од септември веќе ќе имам и “резидент” вечер еднаш месечно во еден од помалите клубови во Шангај.

Што се’ го окупира твоето внимание во Шангај?

- Моментално сум на мастер студии по Нови Медиуми на универзитетот Шангај Џиао Тонг. Креативни предизвици нема, баш напротив, меѓутоа си има други предизвици; сепак си сам на 10.000 км од дома и носталгијата можеби е најголемиот непријател.

Може ли да направите споредба меѓу македонската и кинеската култура ?

- Иако сме различни, забележав дека сепак до одреден степен сме и прилично слични, особено во фамилијарните релации.

Што ви недостига од дома во странство и обратно?

- Се разбира ми недостасува фамилијата и сите блиски, како и нашата скара (се смее). Од Шангај ми недостасува брзиот начин на живот.

Александра Јуруковска