Репертоар:

Михаил Ренџов: Кога не би пишувал, не знам како би преживеал

Мислам дека читањето е слабост на современата македонска поезија, без читање нема збогатување на сопствениот поетски исказ. Треба да се боледува зборот, да се боледува поезијата, без болката нема напредок, нема поезија - вели поетот Михаил Ренџов, годинашен добитник на наградата за „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Ренџов наградата за најдобра поетска книга меѓу два фестивала ја доби за неговта книга „Јас.Елегии“. Ова е негова втора „Браќа Миладиновци“, првиот пат беше награден во 1982 за книгата „Нерези“. Во својата деветта децанија од животот, тој со нескриен жар зборува за поезијата, за својата, но и туѓата и за животот со неа, не пропуштајќи да ги нотира и критичните состојби на македонската поетска сцена денес.

Веста за добивањето на наградата „Браќа Миладиновци“ ја добивте со голема возбуда, иако по втор пат сте нејзин добитник. Што значи да се добие најпрестижнето национално признание за поетско творештво?

- Кога за „Нерези“ го добив признанието беше изненадување, а сега на 80 години е вистинска возбуда, дури не се сеќавам што кажав на доделувањето. Голема чест е да се добие ова признание. Најверојатно ќе ми треба одредено време да се смирам и да ги средам впечатоците.

За наградената книга „Јас. Елегии“ комисијата истакна дека е Вашето најзрело поетско дело, дали на некој начин таа е продолжение на поемата „Тој“ за која ја добивте наградата „Григор Прличев“?

- Во 1993 ја добив првата награда за поема „Григор Прличев“ , по повод 100 годинини од раѓањето на Вториот Хомер, тоа беше навистина многу голема работа – да се добие признание со името на таков великан. Исто е и сега во 2017 година кога ја добивам награда со името на Браќата Миладиновци. Ако тогаш пишував за Тој, сега пишувам за јас, целосно сум посветен на себе си. Книгата има 63 сонети, најтешкиот поетски исказ, а жирито го пофали токму тоа. Многу ми е драго, но особено ми е мило затоа што дојдовме во тешко време за поезијата. Ме прашуваат - зошто уште пишуваш кога никој не те чита, никој не те прочитува, о жален, печален ти? Кога не би пишувал, не знам како би живеел и би преживеал спокојно. Овие сонети се дел од моето живеење. Јас живеам затоа што пишувам. Јас не пишувам, јас издишувам, издишките ги собирам и од нив правам книга. Книгата ја направив во здив-стил, ги нареков „здишките на Михаил“.

Важите за еден од најдобрите препејувачи, но и проследувачи на македонската поезија, каква е таа денес, гледате ли свои наследници меѓу помладите поети?

- Искрено ме разочарува состојбата, затоа што по третата, односно четвртата генерација македонски поети спласнува занесеноста на поетите по поетскиот израз. Тие пишуваат, но не читаат, туку лајкуваат, речено со модерен јазик. Имаше едно претствување на една млада поетеса и тогаш рекоа дека имала 500 лајка, дека толку е популарна, читана. Мислам дека читањето е слабост на современата македонста поезија, без читање без збогатување нема напредок на сопствениот поетски израз. Треба да се боледува зборот, да се боледува поезијата, без болката нема напредок, нема поезија.

Александра Јуруковска