Репертоар:

Роберт Јанкулоски: Го истражував фотографското творештво на браќата Манаки цели 16 години

По повод промоцијата на монографијата „Манаки“ посветена на творештвото на Милтон и Јанаки Манаки, направивме интервју со Роберт Јанкулоски во просториите на Македонскиот центар за фотографија, кој се наоѓа во Мала станица. 

Интервјуто со Роберт Јанкулоски е по повод промоцијата на монографијата „Манаки“, приказна во слики за Јанаки и Милтон што ќе се одржи во рамките на 38-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе се одржи во Прес центарот на фестивалот (Дом на култура, Битола).

Со Роберт разговаравме за активностите и припремите на ова капитално дело во кое детално навлегува во историјата на фотографијата и цевкупното творештво на браќата Манаки.

___________________________________________________________________________

Роберт Јанкулоски e роден во Прилеп, дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за Филмска и ТВ камера во 1997 година. Kако фотограф работел на повеќе играни филмови што се снимале во Македонија: Преку езерото, Џипси меџик, Бубачки, Контакт, Караула, Превртено, Сенки…

Исто така има работено и театарска фотографија како и фотографии за многу рекламни агенции. Значајно е и професионалното искуство на Јанкулоски како предавач и професор по предмети од областа на фотографијата на неколку високообразовни институции:

- Предавач по предметот „Дигитална фотографија за дизајнери” на Академијата эа графички диэајн Александрија во Скопје од 2006 год.

- Предавач по предметот „Фотографија” на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во учебната 2006/07.

- Предавач по предметите „Фотографија” и „Историја на фотографија” на Факултетот эа драмски уметности при Државниот универзитет во Тетово 2007/2008

- Професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА на Факултетот за филмски уметности

Во 2000 година Јанкулоски го основа Македонскиот центар за фотографија, со единствена цел: Популаризација на фотографијата и фотографскиот медиум во Македонија. Изминатите години ги посветува на истражување на старата македонска фотогрфија и успева да создаде богата колекција на стари фотографии и негативи. Поаѓајќи од идејата дека со проучување на историјата ја создаваме иднината на фотографијата, Јанкулоски организира повеќе изложби на стара фотографија, како и презентации надвор од Македонија.

За сериозноста на Јанкулоски како истражувач од областа на фотографијата говорат и фактите што негов текст е застапен во делото „Фотографијата и филмот на тлото на Македонија” во издание на Македонската академија за наука и уметност и научниот труд „Историја на фотографијата во Македонија” што Јанкулоски го напиша эа потребите на реномираниот Гети институт од Лос Aнџелес (САД).

Александар Ристевски