Репертоар:

Роберт Перишиќ (хрватски писател): Книгата пред се’ треба да биде добра, останатото трае три дена

Во Хрватска го сметаат за еден од авторите кои најдобро се занимава со болките на сегашноста, кој транзицијата и оставштината од социјалзимот ги прави интересни, ставајќи ги на полето на надреалното. Њујоркер (NewYorker) за неговото најпознато дело „Нашиот човек во Ирак“ ќе забележи дека: „Перишиќ со духовитa вештина, ја опишува урбаната елита која се обидува да ги прифати социјалните промени и ги бележи последиците од шокот од поствоените катаклизмични системски промени во  Хрватска, кои се вовед во  капитализмот и демократијата“.

 

Роберт Перишиќ е автор на седум книги. Со двете збирки кратки раскази (1999, 2002) се прослави во Хрватска и во соседните земји. Неговиот роман „Нашиот човек во Ирак“ (2007) ја освои наградата „Јутарњи лист“ во Хрватска и има многу преводи. Американското издание (2013), пофалено од Џонатан Франзен, собра фантастични рецензии од „Њујоркер“, книжевниот додаток на „Тајмс“...

Еден од најинтересните раскажувачи на овие простори неколку години апстинира од медиумите, но деновиве доаѓа во Скопје на Меѓународниот литетартурен фестивал „Про-За Балкан“, а како најава на неговото гостување, честа да ги добијам неговите луцидни одговори:

На што мислите дека се должи успехот на Вашиот роман „Нашиот човек во Ирак“?

- Тоа е малку необичен роман, има некоја своја напнатост. Луѓето што почнуваат да го читаат, ако успеат да влезат во ситуацијата на главниот јунак обично го дочитуваат до крај и тоа многу брзо. Така што се чини дека тоа е прашање на приказната и на ритамот. Има и малку чуден хумор, но и секс, дрога, рокенрол, Запад, Балкан, глума, село, град, театар фолк музика и Ирак. Можеби, што би рекле водителите – некого заборавив, но има тука некои елемнети во приказната која откако ќе ве фати ве вози. Романот во Хрватска се читаше многу, а потоа и во други земји.

Колку критиките и пофалбите во Њујоркер придонесоа за популарноста на романот, но и за Вашата популарност?

- Во Америка најмногу придонесе тоа што пофалната критика за романот, онаа која оди на самата корица, блурб ја напиша Џонатан Франзен, кој е врвен пистел. Секоја чест за него, јас не можам да му возвратам, ама пак и јас сум им помогнал на некои аутсајдери во животот, па најверојатно тоа на таков начин и се враќа. Без таа негова пофалба романот најверојатно немаше да дојде до Њујоркер и до уште неколку звучни медиуми. Мислам, тие никогаш и не би го прочитале романот, а вака (благодарение на Франзен) го прочитоа, рекоа дека е чуден, но дека функционира. Значи, тоа секако немаше да оди по основа на презимето Перишиќ, затоа што тие не го знаат ниту фудбалерот Перишиќ, па кога тој година-две подоцна му даде на Светското првенство, Њујорк тајмс напиша дека јас дадов гол. Најверојатно некој набрзина го пребарувал името. Потоа веста ја пренесе и Иранијан Тајмс и баш е интересно кој кого презема. И како што гледате сето тоа придонесе за мојата популарност.

Каква е актуелната книжевна сцена во Хрватска?

- Доста солидна. Има неколку добри писатели. Прочитајте го на пример Каракаша. Јас нему му помогнав кога беше аустајдер, а сега е популарен од мене. Ова има врска и со тоа што јас три години не сум дал интервју, но вие ме начекавте кога сум поопуштен, инаку сум прилично намќорест и ништо не сакам. Македонија општо ми делува многу релаксирачки. Тоа го забележав во 2015 година кога цел јуни го поминав кај вас. Бев толку релаксиран. Вие имавте протести, но јас никако не можев да се приклучам на нив, бидејќи бев многу опуштен и мислев дека нешто не е во ред со мене.

Каков е одноост на хрватската јавност спрема културата воопшто?

- Официјално, Хрватите имаат голема потреба од култура, но мнозинството навистина многу малку чита. Општо земено, тоа е едно од оние нешта што може да бидат и полошо.

Имате ли увид во балканската книжевна сцена?

- Донекаде да, има и тука доста добри писатели, но јас навистина многу бавно читам, не можам да прелетам преку нешто, затоа и бев лош критичар. Јас нуркам и копам низ текстот, па ако не пронајдам некоја сатисфакција се лутам. Добро што се откажав од критиката, па сега веќе не е ни важно, но и интересите ми се малку специфични. Последно нешто што читав е Димитрие Туцовиќ „Србија и Арбанија“, ја има на интернет, многу е интересно да се чита во денешно време, може да биде интересно и за вас.

Колку наградите се важни за популарноста на едно дело, па и на еден автор?

- Се’ игра улога, но ако никој не сака да те чита, ништо не помага. Мислам, не мора сите да те сакаат, ама некој треба и тоа своеволно.

Дали во денешно време е доволно една книга да биде само добра или потребни се и други работи и перформанси за таа да опстои и да се чуе за неа?

- Книгата пред се’ треба да биде добра, останатото трае три дена. Можеш да ги зезнеш луѓето и да им продадеш, но зошто? Добро, за книгата мора прво да се чуе, и за тоа се потребни некои ствари, но прашањето е колкаво прилагодување е потребно, дали треба да се работи на сила. Колку воопшто треба да се прилагодиме? Некогаш луѓето читаа самоиздадени, андерграунд изданија, барале плочи кои не се тука. Луѓето кои бараат се’ да им е сервирано, дури и преку реклама која е камуфлирана на социјалните медиуми, сепак можеби нешто изгубиле. Ако ја изгубиле мојата книга и јас сум во загуба. Но, јас однапред ја пресметав таа загуба.

Колку фестивалите како овој (Про-За Балкан) се значајна валоризација на нечиј труд?

- Фествалите се фестивали, тоа е фешта и толку. Убаво е што ќе бидам пак во Македонија, убаво е што ќе сретнам некои луѓе, убава е и таа врска преку книжевноста и тоа е се’. Ако некој после тоа прочита некоја моја книга, супер, но тоа е негова работа, а не моја.

Александра Јуруковска