Репертоар:

Изградба на спомен обележје на Никола Карев во Свиланово

Започна реализацијата на градежните работи за изградба на спомен-обележјето на местото на загинувањето на Никола Карев – Свиланово.

 

Градежните работи ќе ги извршува „Евроградба Инженеринг“ ДООЕЛ од село Владиевци, Василево. Изведувачот е избран преку Центарот за развој на Источен плански регион, а надзорот е на „Венци Проект“ ДООЕЛ – Кочани.

Раководителот на Одделението за урбанизам и заштита на животната средина во општина Кочани Александар Гицов, рече дека спомен-обележје на Никола Карев ќе биде поставено на површина од 460 метри квадратни. 

- Околината ќе се уреди со три настрешници. Комплексот содржи четири амфитеатрални реда поставени кон југ, кон спомен-обележјето. Во центарот на комплексот ќе биде поставена и сегашната спомен-плоча, а ќе бидат изградени и патеки и шеталишта. Од источната страна се планирани седум паркинг-места – информира Гицов.

Целта е овој дел од Осоговските Планини да биде привлечен за посетителите и да ги збогати туристичките содржини. Тоа ќе придонесе и за нови инвестиции во туристичката инфраструктура и за изградба на нови сместувачки капацитети.

Едновремено спомен-обележјето ќе му даде достојано значење на претседателот на Крушевската Република – Карев во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани.

Вкупната вредност на изведбените работи, согласно склучениот Договор помеѓу Центарот за развој на Источниот плански регион и Изведувачот изнесува 5.647.017 денари, од кои 5.197.515 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа – Биро за рамномерен регионален развој, а по 224.751 од општините Кочани и Чешиново-Облешево.

Според планираното, работите ќе бидат завршени до крајот на оваа година.

Одржувањето на ова спомен-обележје ќе биде одговорност на општините Кочани и Чешиново-Облешево.