Репертоар:

Лидија Ѓурковска: Граѓанската класа во Скопје се појавува помеѓу двете светски војни

Дневниот весник „Вардар“ е вистинско сведоштво за се’ што се случувало во Скопје. Таму дојдов до натпис каде се вели дека, граѓаните на Скопје почнале да го поминуваат своето време во рестораните, баровите, кината и хотелите, наместо на излетничките места. 

Брегот на реката Вардар каде шетале Скопјани, бил нарекуван „Остров на љубовта”. Од друга страна интересна е и здравствената култура која можам слободно да речам била на многу ниско ниво. Феудалниот менталитет, разните верувања,избегнувањето на вакцинацијата и неупотербата на сапунот, придонеле за развој и ширење на многу болести. Иако градот Скопје бил еден од најголемите производтели на сапун, ни половина од населението во градот не го користел сапунот - вели за cooltura.mk, проф.д-р Лидија Ѓурковска од Институтот за национална историја, споделувајќи со нас дел од интересните научни истражувања на кои работи во моментов. 

Ѓурковска е виш научен соработник во Институтот за национална историја, во одделението Историја на Македонија меѓу двете светски војни. Таа е наставник на неколку предмети од студиите на втор и трет циклус при Институтот, и секретар на списанието „Гласник“. Досега има објавно една монографија, три библиографии и 20тина статии во стручни списанија во земјата и во странство. Нејзините научни истражувања се однесуваат на социјално-економската и здавствената историја. 

Во период кога урбаноста и урбаното се речиси рефрени во нашето секојдневие, Вие истражувате токму еден таков сегмент поврзан со Скопје меѓу двете светски војни. Кои се светлите моменти и личности заслужни за развојот на модерниот урбанистичко-архитектонски лик на градот, препознатливи и денес ?

- Статијата на која работам тргнува од една урбана приказна на Скопје израсната во цврст мит втемелен врз делата на оние кои веќе не се меѓу живите, освен преку своите дела и преку живиот мит што го подигнаа како веќе ненарушлива урбана вредност, кои заслужуваат да ги спомнеме зашто во оваа средина придонесите брзо се забораваат, а нивните имињата како на доблесни градители на Скопје треба трајно да бидат забележани. Меѓу нив, секако, спаѓаат и "татковците на градот " односно поглаварите, претседателите и градоначалниците, во подалечното и поблиско минато. Еден од нив е градоначалникот по потекло од с. Тресонче, инж. арх. Јосиф Михајловиќ-Јурукоски. Тој бил градоначалник или како што тогаш се нарекувал-Претседател на општинското поглаварство на Скопје во два мандата: од 1929 до 1936 година, и од 1939 до 1941 година, кога починал.

Toa e времето кога биле изградени видните објекти како што се: Зградата на денешниот парламент на Република Македонија( од 1939г), Градската болница, Зоолошката градина, Градскиот парк, Железничката станица и старата зграда на Народната банка и Офицерскиот дом, кои се разурнати во земјотресот 1963г. Потоа тука се Зеленото пазарче, Градскиот водовод од изворот Рашче, подигната е Хидроцентралата Матка на реката Треска (од 1935г.,), тогаш се подигнати и бројни станбени објекти и други значајни градби на Скопје. Особено треба да се истакне податокот дека инж. Михајловиќ е иницијаторот и реализаторот на првиот геодетски премер и урбанистички план на градот Скопје, за секоја акција која ја предвидувал и потоа реализирал, тој претходно вршел бројни авионски надлетувања на градот за што подобро да ја согледа неговата слика и структурно уредување.Токму Тресончанецот и тогашен градоначалник на градот Скопје, инж. Јосиф Мијаловиќ е човекот кој бил "виновен" за градбата и за урбаното издигнување на градот Скопје во меѓувоениот период. Негови дела од меѓувоениот период се: Првиот детален урбанистички план на градот, проширување и осовременувањето на електричната мрежа и канализациониот систем во Скопје, изградбата на Машката и Женската гимназија во градот, како и повеќе други урбани зафати од кои, некои кои успеале да му пркосат на времето и ден денес му даваат своевиден белег на градот Скопје.

Со економско-социјалната развој на градот Скопје се занимававте и во Вашата докторска теза, до какви истражувања дојдовте?

- Научната обработка на темата “Стопанските прилики во Скопје меѓу двете светски војни” произлезе од потребата да се даде придонес кон научното осветлување на овој значаен сегмент од економско-социјалниот развој на градот Скопје, како административен, економски и политички центар на вардарскиот дел на Македонија, кој во наведениот период беше во територијалните граници на Кралството СХС/Југославија. Актуелноста на стопанските прилики во Скопје, во споменатиот период била мошне значајна, со оглед на тоа што тие директно влијаеле на квалитетот на секојдневното живеење и на елементарната егзистенција на бројното население во градот и околината и обратно како економскиот развој на градот Скопје, директно или индиректно влијае на економската состојба во останатите, региони, градови и места на вардарскиот дел на Македонија.

Во дводеценискиот историски период на кој се однесува трудот, се создале перспективи за развој на граѓанската класа, издигање и пропаѓање на видни семејства и поединци кои оставиле видливи траги во животот на градот. Се до влегувањето на вардарскиот дел на Македонија во Кралството СХС/Југославија, целокупниот стопански живот во него, пред Балканските војни речиси бил ориентиран кон југ и кон градот Солун како значајно морско пристаниште. Но, по завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, оваа состојба коренито се менува, па така стопанската активност во овој дел на Македонија морала да се прилагоди на новонастанатите услови и таа се преориентирала и поврзала со северните поразвиени стопански подрачја на новонастанатата држава Кралството СХС/Југославија. На тој начин Скопје започнало интензивно да се поврзува со значајни индустриски развиени градови и области од Србија, Хрватска, Словенија и други покраини во Кралството СХС/Југославија, кои биле повисоко развиени стопански подрачја. Така градот Скопје израснал во трговски и индустриски центар, лоциран во овој дел на Балканскиот Полуостров, кој предизвикувал внимание не само кај домашната, туку и кај соседната и пред се европската јавност. Покрај тоа, таа на него гледала како на културен и цивилизациски центар во кој взаемно се испреплетувале културните и стопанските достигања на истокот и западот, на соседните балкански земји и на христијанството, муслиманството, еврејството и останатите религии и нивните традиции. Токму затоа Скопје, не било само пријатно место за живеење на домашното население и место за транзитни етнички преселувања, туку и современ урбан центар во кој покрај македонскиот, живееле и други различни народи и етнички групи. Вистинската трансформација на градот Скопје, ја гледам со започнување на електрификацијата на градот во 1924 година. По електрификацијата, 80% од населението ги заменило петролејските светилки со електрични. Развивањето на градот Скопје се гледа и во изградбата на многу нови објекти во градот, од политички,економски,здравствен и културен карактер.Најпрво се граделе згради за потребите на тогашната српска власт, а потоа и јавни и стабени објекти.

Со Вашите колеги работевте и на проектот посветен на Скопје од 1963 година и децата кои го доживеале, односно преживеале Скопскиот земјотрес. Од каде идеја да се документира еден ваков дел од сеќавањата за тој трагичен настан?

- Основен мотив на овој проект, беше: Животот е река што тече денес, но без спомените од детсвото , животот е сив, нерадосен и многу, многу сиромашен. Монографијата со насов „ДО ВИДУВАЊЕ СКОПЈЕ, ДО ВИДУВАЊЕ ГРАДУ НАШ МИЛ”, ја раскажува приказната за тогашните 8 училишни генерации на дечиња од 1 до 8 одделение, родени во годините 1949-1956г. и нивните животни судбини, приказната на децата кои со свои очи го видоа и го доживеаја рушењето на војот град. Книгата го пренесува и патешествието на евакуацијата на овие скопски деца кои беа однесени далеку од своите најблиски, и кои таму, во евакуираните места, станаа мисионери на овој град, се бореа за своите цели, создаваа свои детски уметнички дела. Тие тогашни деца, денес веќе современи возрасни граѓани учествуваа во обликувањето и му дадоа белег на нашиот град Скопје, онаков каков што ние денес го имаме и го познаваме.

 Александра Јуруковска