Репертоар:

На денешен ден: Умре Јордан Хаџи Константинов - Џинот

На денешен ден, 29 август 1882 година, во Велес умрел Јордан Хаџи Константинов - Џинот, македонски преродбеник, еден од најпродуктивните културни работници од 19. век, поет, учител, метеоролог, филозоф, етнолог, новинар, собирач на старини и борец против фанариотското движење.

Познати негови дела се „Таблица перваја“, „Плач на скопското училиште многу трудное“, „Аврора“, „Труд ми е името“, „Минерва и деветте музи“, „Разговор или вистински човек“, „Училишта и учење“ и др. 

По завршувањето на ќелијните школи во родниот град, Јордан своето школување го продолжил во Самоков и Солун. Работата како учител во Велес ја започнува во 1838 година кога отпочнува со реализирање на идејата за воведување на народен македонски јазик во училиштата. Покрај воведувањето на народниот македонски јазик во училиштата Џинот е заслужен и за осовременувањето на наставата, бидејќи вовел нови предмети. Со тоа учениците покрај тоа што добивале знаења за свештени лица, со новите предмети внесени од Хаџи Константинов, учениците се здобивале и со знаења кои подоцна со успех ги применувале во трговијата и занаетчиството. Училиштето во Велес се наоѓало во црква во која клисар бил неговиот татко. По несогласувањата со гркоманско настроените градски големци околу употребата на народниот македонски јазик во наставата, тој бил протеран од Велес. По протерувањето од и затворањето на неговото училиште во Велес, Хаџи Константинов патувал во Солун, Света Гора, Србија и Влашко. Во 1848 година заминал на работа како учител во Скопје во познатата скопска црква Света Богородица каде останал 10 години.

Во Скопје како учител бил повикан од побогати трговци од македонска националност како Константин Икономов, браќата Попови, Кочови, Зафир Малев и други угледни граѓани од Пајко Маало, за што бил плаќан со годишна плата. За време на својот престој во Скопје, Џинот ги извршил и првите метеоролошки мерења на времето во Македонија. Од Скопје на големо незадоволство на македонското население бил истеран од турските власти кои биле потплатени од гркоманските фамилии и свештеници. Интензивно работел на организирање приредби и училишни претстави, соработувал со “Цариградски весник”, ги интензивирал врските и преписките со разни културни установи, а особено во Русија.

Неговата развиена просветителска дејност предизвикала прогони од власта и губење на работата. Учителствувал и во Прилеп од каде истотака бил протеран поради жестоките судири со фанариотите, а од Западна Македонија собирал стари книжевно-историски документи. По прогонот од Прилеп, кратко време учителствувал и во селото Ваташа во ќелијните училишта во Моклишиот и Полошкиот манастир. Од 1860-1866 година бил прогонет на 101 година робија во Мала Азија, која со помош на негови пријатели се смалила до 3 години и каде го изгубил едното око. Сите години по враќањето ги поминал во родниот Велес.

Умрел на 29 август, 1882 година. Неговиот гроб се наоѓа во дворот на црквата “Св. Спас”.

Роден бил во Велес, во 1820 година.