Репертоар:

Камерен концерт на млади руски музичари во Битола

На концертот, кој ќе се одржи вечерва, 19 април, во 19 часот во Центарот за култура во Битола, ќе бидат изведени дела од Бетовен, Шопен, Витали, Франк, Албенис, Гершвин...

Санктпетербургската куќа на музиката, „Россотрудничество“ и Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија организираат камерен концерт во Битола на кој ќе настапат Алексеј Мелников на пијано и Владимир Устјанцев на саксофон.

Концертот е поддржан и од почесниот конзулат на Руската Федерација во Битола, а влезот е слободен.

Овој концерт е дел од проектот „Амбасада на вештината“, основана по иницијатива на Министерството за култура на Руската Федерација и вклучува патување на младите солисти од Рускиот центар за наука и култура во странски држави.

Во 2016 година се одржале 60 концерти во 22 држави во светот. Нејзина главна задача е развој на класичната музичка уметност, зачувување на традиционалните изведувања и подготовка на млади руски музичари за меѓународни натпревари и фестивали.