Репертоар:

„Made in Macedonia“ симфониски концерт на Македонската филхармонија

„Made in Macedonia“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток (15 март) во 20 часот. 

 

Како солист ќе се претстави еден од најдобрите македонски кларинетисти, Здравко Ангелов, прв кларинетист во Македонската филхармонија, кој ќе го изведе Концертот за кларинет и оркестар бр. 1 од Лудвиг Шпор.

Диригент на концертот е нашиот маестро Борјан Цанев, а на програмата оваа вечер се и делото „Лет“ од австралискиот композитор со македонско потекло, Мајкл Бакрнчев, како и познатата Симфонија бр. 41 „Јупитер“ од музичкиот гениј Моцарт.

__________________________________

Здравко Ангелов (1978, Струмица) е еден од најистакнатите македонски кларинетисти. Своето музичко образование го започнал на седумгодишна возраст, а средното образование го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, во класата на проф. Стојан Димов. Дипломирал во 2000 година во класата на проф. Иван Кочаров и магистрирал во 2012 година во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Повеќе од 11 години е вработен како прв кларинетист во оркестарот на Македонската филхармонија. Во неговото работно искуство се вбројува и педагошката работа во ДМБУЦ во Скопје, како и двегодишното искуство како надворешен соработник во Македонската опера и балет. Во текот на својата досегашна музичка кариера, Здравко Ангелов се стекнал со бројни признанија и награди, меѓу кои: прва награда во Скопје (1989) и истата година трета награда во Хeрцег Нови, прва награда со камерен состав – трио во 1992 година, а во 2000 година ја освоил специјалната награда „Јамаха“. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа, но и како камерен музичар, а воедно е постојан член на Камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали, како што се „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“ – Битола“, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, „Номус“, „Бемус“, а концертно настапувал и во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Оман, Америка... Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава со своето музицирање. Настапувал под палката на исклучителни диригенти како што се Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Меер, Емил Табаков, Борјан Цанев, Саша Николовски–Ѓумар...