Репертоар:

Денот кога се врати достоинството на македонскиот музичар

Прекрасно е чувството кога најстарата национална установа, Македонската Филхармонија ќе ве пречека во својот дом после 73 години талкање, со прекрасен гала концерт.

Вчера вечер, Скопје беше центарот на случувањата на Балканот во сферата на класичната музика. Македонската Филхармонија конечно се вдоми. И не било каде, туку во една прерасна, совршена грандиозна градба на површина од 12.400 метри квадратни.

Објектот располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места. Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип.

Во тежок општествен период, исполнет со медиумски хајки, политичка криза, негативна енергија, вчерашниот настан на кој се отвори новиот објект на Филхармонијата, беше нешто што долго време ќе ми остане во сеќавање.

Изведбата на оркестарот на Македонската Филхармонија ја воодушеви публиката. Под диригентската палка на светски познатиот Владимир Ашкенази, публиката можеше да ужива во изведбата повеќе од два и пол часа. Кај целиот оркестар можеше да се почуствува воодушевувањето и позитивната трема од преполната сала и настапот за прв пат во нивиот нов дом.

Првиот дел му припадна на нашиот маестро, големиот македонски пијанист со светско реноме Симон Трпчески, кој ги измами аплаузите и насмевките на публиката со дела од Трајко Прокопиев - суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ и Сергеј Прокофјев - концерт за клавир и оркестар бр. 3 во C-dur, оп. 26.

По бурните аплаузи, вратен на бис, изведе и дел новиот проект насловен „Македонисимо“, по што се обрати емотивно пред полната сала со зборовите: „Да ви кажам ...што е убаво да свириш дома, а во ваква сала!“

Вториот дел од концертот, Македонската Филхармонија под водство на Ашкенази се претстави со делото од Петар Илич Чајковски - симфонија бр. 5 во e-moll оп. 64. По изведбата и громогласниот аплауз на публиката, маестро Ашкенази рече: „Лесно ми е кога треба да диригира автор од земјата од која јас потекнувам. Овој пат тоа беше 5-тата симфонија. Некои велат дека е најдобра. Добри се и 4-тата и 6-тата, се надевам дека ќе имам можност тука и со нив да настапам.“

Овој пат нема да има ниту еден збор негативен, ниту една забелешка. Оваа вечер беше на музичарите. На оние кои целиот свој живот го посветиле на класичната музика, а дел од нив се и наследници на одлични музичари кои 73 години музицираа во објекти кои беа времени решенија. Им го честитам вселувањето во овој нов храм на класичната музика и нека го исполнат истиот со многу љубов и одлична музика.

Александар Ристевски