Репертоар:

Драгана Костадиновска: Секоја претстава ме поврзува со посебен ритуал

Драгана Костадиновска е актерка во Македонскиот народен театар каде што работи од 2007 година. На матичната сцена има играно во претставите „Соларис“, „Да тргнеме сењор“, „Вечната куќа“, „Свадбата на Фигаро“, во неколку независни проекти, значајно појавување имаше на филмското платно во „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, а на ТВ екраните во серијата „Обични луѓе“...

Тука се и неколку независни проекти, како и учество на повеќе домашни и меѓународни театарски фестивали. Минатата 2015 година ја одбележа како Маргарита во спектакалот на МНТ „Мајсторот и Маргарита“, на режисерот со светско реноме – Иван Поповски.

Маргарита ми беше предизвик и желба многу пред воопшто да стане збор за неа кај нас во театар...Многу ми се допаѓа тоа што во секоја од претставите кои ги имам во моментов на репертоар, играм улоги кои се соема различни една од друга, а и тоа што секоја од нив, и претставата и улогата ми се допаѓаат,со уживање ги играм и не чувствувам отпор. Тоа ми е многу важно – вели Драгана за cooltura.mk и открива дека за секоја ролја има посебен ритуал.

Какво беше искуството од претставата „Мајсторот и Маргарита“ и работата со режисерот Иван Поповски? Што значи за Вас да се биде Маргарита во овој спектакл?

- Мојот омилен роман „Мајсторот и Маргарита“ важи за еден од најдобрите романи на дваестиот век, а улогата на Маргарита ми беше предизвик и желба многу пред воопшто да стане збор за неа кај нас во театар. Многу ми е драго што имав прилика да го запознаам и да соработувам со Иван Поповски. Покрај тоа што е многу интересен во начинот на работа и има пристап со кој првпат се среќавам, тој е толкуширок и вистински искрен и добар човек каков што се поретко се среќава. Не ми се допаѓа многу терминот "спектакл", но после навистина долг процес на проби сметам дека направивме голема, квалитетна претстава и задоволна сум што сум дел од неа.

Со само неколку месеци играње, претставата веќе е хит, публиката ја следи во еден здив, иако трае 5 часа. Што за Вас и колегите значат тие часови на сцената?

- Додека ја работевме претставата, меѓу нас глумците, често се јавуваше сомнеж во однос на тоа дали нашата публика ќе додржи да остане докрај на толку долга претстава, без разлика на тоа колку е интересна. Сметавме дека едноставно нашите гледачи немаат таква навика на гледање долги претстави. Денешниот динамичен начин на живот и продуктите на телевизиската и интернет-културата кои инстантно и агресивно ги дразнат сите сетила и секогаш на дофат има уште, како да ни ја имаат одземено желбата и концентрацијата да посветиме подолго време на нешто конкретно и длабоко. Иван, кој работи и живее во земја каде културата за следење театар и уметност воопшто е традиционално силно развиена, постојано не’ убедуваше дека нема потреба да се сомневаме и да имаме тенденција на секој можен начин временски да ја кратиме претставата, тој беше сигурен дека ако е таа добра, публиката без проблем и со уживање ќе додржи до крајот. Така и бидна, секоја изведба е преполна, а публиката задоволна.

Вечната споредба на играњето на сцена и пред камера за Вас е...

- Работата во театар и на филм за мене е толку различна што би рекла дека се тоа два различни медиума за кои можеме посебно да раговараме, но нема потреба да ги споредуваме. Различен е пристапот кон сработување на материјата, различен е моментот и околностите во кои се доаѓа до резултатот, различни се сензибилитетите на професионалците кои го работат техничкиот дел во театарот за разлика од тие на филм. Тоа се два сосема различни света во кој еден глумец се вклопува и сето тоа низ него поминува. И двата се убави и пријатни. 

Во меѓувреме тука се и 100-та изведба на „Свадбата на Фигаро“, „Животот на Молиер, „Вечната куќа“ и сите останати претстави во кои игра(в)те...Што Ви даваат тие како актерка, како гледате на секој Ваш лик и ролја од нив?

- Многу ми се допаѓа тоа што во секоја од претставите кои ги имам во моментов на репертоар, играм улоги кои се соема различни една од друга, а и тоа што секоја од нив, и претставата и улогата ми се допаѓаат,со уживање ги играм и не чувствувам отпор. Тоа ми е многу важно. Од секогаш ми било интересно да анализирам каков ми е денот во зависност од тоа која претстава ја играм вечерта и навистина тоа има влијание и од практичен и од душевен аспект. Интересно е тоа како и телото и умот уште од кога ќе отворам очи ми се однесеуваат во склад со потребите за вечерашната улога, од тоа што ќе јадам до тоа дали ќе одам на вежбање, каква музика ќе слушам, каков филм ќе гледам и колку сакам да комуницирам со луѓе кои не се поврзани со претставата. Како секоја претстава да ме поврзува со посебен ритуал кој ми е драг.

Александра Јуруковска