Репертоар:

Џез триото „Imaginary Folklore“ доаѓа на „Скопје креатива“

На 4 мај во МКЦ, на отворањето на шестото издание на фестивалот „Скопје креатива 2017“, ексклузивен џез концерт ќе одржат „Imaginary Folklore“...

„Imaginary Folklore“, претходно познати како „Por Ché Ne Trio“, космополитски микс од три силни музички карактери, секој од нив икона на традиционална музика во својата земја, Аргентина, Италија и Македонија.

Љубовта и страста кон џезот и сите негови форми ја изразуваат преку изведба од Јохан Себастијан Бах и сите форми на контрапункт, хармонија и организација на мотив до балкански ритам со негови мелодии. Нивната музика претставува трансферзала помеѓу три држави со оригинални композиции.

Ова космополитско трио постои од 2014 година под името „Por Ché Ne Trio“, а од неодамна се преименуваа во„Imaginary Folklore“. Досега има настапувано на различни места во светот како: Аргентина, Америка, Европа, Балканот и Македонија.

Пред две години македонската публика имаше можност да ги чуе на фестивалот „Битфест“ кога публиката уживаше во прекрасните звуци на космополитскиот микс од трите различни музички култури.

Нивната стандардна постава ја сочинуваат: големиот Лео Џеновезе (пијано, електроника, вокали) од Аргентина, кој има настапувано со ѕвездата на џез музиката, Херби Хенкок, потоа со Стинг, Стиви Вондер и уште многу други, Италијанецот Франческо Маркоки (акустичен бас, вокали) и нашиот Александар Петров (тапани, перкусии, вокали).

На нивниот репертоар се наоѓаат композиции како „El Gavilan“ – Виолета Пара, „Digital Ayatollah“ – Спинета Џаде, преку преработките на класични дела во џез верзиии како „Turkish March“ – Моцарт, „Goldberg variation“ – Бах, па се` до авторските композиции: „Ethiopian Blues“ наЛео Џеновезе и „Bissareres“ или „Nona de l’est“ на нашиот музичар Александар Петров.