Репертоар:

Хуманитарен концерт „Teenage Riot“ во МКЦ

Парите собрани од продажбата на влезници ќе бидат наменети за Центарот на поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“...

Македонските групи „Ареа“, „ПМГ колектив“, „Фанк шуи“, „Кара“ и „Линколн летер“ вечерva, 12 април, ќе настапат на хуманитарниот концерт „Teenage Riot“, што ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

Концертот е во организација на средношколците од меѓународното училиште „Нова“ и е во рамки на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“. Станува збор за национална програма која се имплементира во сите општински организации на Црвениот крст и на годишно ниво обучува околу 1.200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 десиминатори кои работат со младинците.

Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за доброто на заедницата во која живеат, проекти преку кои помагаат на ранливото население.

На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти преку кои им се помага на околу 3.000 лица, на некои краткорочно, додека за некои помошта е долгорочна. Имплементацијата на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“ оваа година е овозможена со поддршка на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Се прави во соработка со учениците од „Нова“ кои веќе реализираа повеќе проекти за помош на заедницата со цел да се помогне на одредени социјално загрозени или маргинализирани групи во општеството.

Цената на еден билет во препродажба е 250 денари, а на денот на концертот на врата ќе чини 300 денари.