Репертоар:

Концерт на берлинската музичка група „Die Wilde Jagd“ во МКЦ

„Die Wilde Jagd“ носат нова музичка струја и се предвесници на нови естетски насоки на современата генерација артисти...

Концертот на берлинската музичка група „Die Wilde Jagd“ ќе се одржи на 17 март (петок) во Денсинг салата во Младинскиот културен центар.

„Die Wilde Jagd“ („Дивиот лов“), е стар германски мит познат во многу делови од Европа, кој зборува за бестрашните ловци коишто во периодот помеѓу Божик и 12-от ден, јаваат низ земајта по патишта што многумина се плашат да ги поминат.

Ралф Бек и Себастијан Ли Филип, креативниот двоец на бендот, прв пат се среќава во 2006 година во центарот „Салон на аматери“ во Дизелдорф, место познато како германска „пост-панк“ хациенда, каде што се собираат најзначајните музичари и уметници. Затоа и не е коинциденција што токму во Дизелдорф ова дуо работи и твори музика што е полна со суптилни референци за локалните бендови како „Kraftwerk“, „NEU!“, „DAF“, „Liaisons Dangereuses“, „Pyrolator“...

Оттогаш, Бек и Филип редовно ги спојуваат своите творечки енергии и снимаат во добро опременото студио на Бек, користејќи бројни аналогни клавијатури. Со разновидните уреди за снимање, тие комбинираат широк спектар на ударни инструменти и креираат сопствена „ловечка“ музика, која на моменти звучи вознемирувачки - како мочуриште во темна шума, но истовремено и енергично, како хипнотички танц.

Нивната звучна слика ја одликуваат репетитивни гитарски лупови, електронски перкусии, тапани и синтисајзери, но и средновековни звуци што се слушаат на почетокот на „ловот“ и шепотливи и рецитирачки гласови, кои ги повикуваат духовите на шумата.

Во бендот членува и Нико Ромел на ударни инструменти. Инаку, музичарот и продуцентот Ралф Бек е роден во Дизелдорф и досега реализирал неколку албуми како дел од дуото „Nalin & Kane“. Колекционер е на стари синтисајзери и педали за ефекти и има сопствено студио „Uhrwald Orange“ во кое се снимени бројни албуми претежно на германски бендови.

Себастијан Ли Филип е дел и од берлинското електро-вејв дуо „Noblesse Oblige“, а компонира музика за театарски претстави и радио-драми. Во периодот од 2001 до 2006 година живеел во Лондон, каде што го водел ноќниот клуб „Калигула“ и настапувал како диџеј.