Репертоар:

Бележник за емотивните мени

Кон романот „Годишни времиња“, Јулијана Величковска, ПНВ Публикации 2014

 

 

 

„Годишни времиња “ е прозно првенче на поетесата Јулијана Величковска. Романот е мал по обем, но нуди интензивно и интересно читателско доживување. Преку идејата да се опишат годишните времиња, авторката отвора еден внатрешен свет, полн со емотивен набој и многу спомени.

Раскажувачот е девојче, таа е и фокализатор (оној низ чии очи ги гледаме настаните) и главен лик. Навидум се’ е претставено низ таа детска перспектива, небаре пискавиот детски глас треба да не’ соочи со минатото, сегашноста и со нешто од иднината. Раскажувањето, па и читањето траат колку едно возење со градски автобус, можеби од првата до последната станица. Возењето не е само низ улиците, во гужвите и мирисите меѓу автобуските седишта и патници, туку и низ патиштата на животот кој низ тие детски очи не е нималку розев. Напротив низ нив раскажувачката ги гледа малкуте розови нешта, меѓу кои и еден пар стари излитени и скинати розеви чорапи, како силна метафора за дупките низ животот, за крпениците кои секој во себе ги има.

На страниците на „Годишни времиња“ има и цртежи, многу музика, многу Пинк Флојд, нешто Нирвана, но и Цеца и по некоја македонска детска или новокомпонирана песна. Умешноста на авторката се препознава во мерата и во примената на истите. Тие се илустрација на емоциите, на одредена состојба на духот, но и на суровата реалност која можеби најдобро се огледува низ сарказмот или поточно преку потпевнувањето на некој познат турбо-фолк хит.

Структурата на романот е исто така интересна, нелинеарна, со повеќе почетоци и повторувања. Раскажувачот има своја логика која читателот може да ја следи без тешкотија. Приказната или поточно приказните се препознатливи, декорот во нив исто така, а прикажувањето на нештата е низ нежна детско- женска интонација, намерно испрекината со цинизам и сурово-искрени описи и соголување на реалноста. Детските очи пораснуваат, низ нив гледа млад човек, а сликите се нижат навраќајќи се кон едно минато заедничко за сите.

Чувството на носталгијата е лично, но асоцијациите будат спомени кои лесно стануваат и наши. Во овој арсенал, пишувајќи за романот на Величковска, Душко Крстевски ќе ги вброи: „Играчка со маскотата на Вучко од Олимпијадата 1984г., сеќавање на соцреалистичките цртани филмови со Лолек и Болек, Мразулко, Три банани и многу други, кои што за сиот западен свет би се користеле како позадина на психоделични шоуа за психотропна публика во алтернативни рок-клубови, а кај нас беа легитимни детски цртани филмови што одеа пред вестите во 19:30 часот. Јуле те враќа низ времето како музика пуштена на прва програма на Македонско радио во 7 часот наутро и сè ќе те удри со некој хит од Макфест во доцните осумдесетти. Трајче Манев со „Осамен“ и Хелена Благне со нејзиното преубаво „л“ во: „Кога те нема наокоЛу те барам“… Романот навистина ја овозможува оваа ретроспекција на детството. И не само детството...“ Со сиве овие аспекти и перспективи книгата „Годишни времиња“ од Јулијана Величковска потсетува на дневник, споменар или бележник во кој се означани само навидум безначајни настани.

 

Александра Јуруковска