Репертоар:

Битно е да се шанца!

Јанаќијевиќ и неговата екипа, во лудистички манир, покажуваат дека наспроти фаталноста на судбината, тежината на клетвата и трката со секојдневието, сепак играта, танцот, радоста, а на крајот и љубовта се најважни.

 Кон претставата „Силјан Штркот шанца“, текст Дејан Дуковски, режија Срѓан Јанаќијевиќ, Македонски народен театар, 2016

 „Силјан Штркот шанца“ е најновата претстава на Македонскиот народен театар и негово освежување преку враќање на младинската сцена, односно Лектирниот театар. Потегот е добар, бидејќи токму тинејџерите се оние кои треба да бидат следната публика не само во овој театар, а избраниот текст на Дуковски сосема на место. Ова е дипломски труд на Дејан Дуковски, кој во постмодернистички манир прави исчитување на најпознатат сказна на Марко Цепенков.

Приказната за непослушниот Силјан, за која многумина фолклористи тврдат дека е авторско дело на Цепенков и уникатна во светската фолклористика, е можеби едно од најподатливите македонски дела за созревањето и иницијацијата, но и зачеток или раѓање на македонскиот фантастичен расказ. Само за потсетување, Силјан Штркот е силен цитат и во една од најпознатите пиеси на Горан Стефановски „Црна Дупка“. Силјан на Стефановски не се претвора во штрк туку исчезнува и оди во друг/оној свет, и каде што акцентот е ставен на изгубеноста на поединецот и клетвата што родителите ја фрлаат врз него. Од друга страна „Силјан Штркот шанца“ на Дуковски се чини дека ги зема аспектите на мрзеливоста, непослушнста и неодговорност, за да ги прошири до онаа мера во која Силјан е Петар Пан, а семејната приказна е судир меѓу генерации, меѓу старото и новото. Овие делови се клучни и во режијата на Срѓан Јанаќиевиќ кој прави модерна, актуелна и атрактива поставка на оваа лектира.

Силјан, толкуван од Александар Михајловски, кому ова му е прва главна улога, е млад бунтовен боем, дете кое направило дете, но и покрај тоа не сака да порасне. Михајловски гради одличен лик, чија преобразба се движи од детска наивност, преку младешка и шармерска заводливост до средовечна криза. Неговите сценските движења се прецизни, а за пофалба е и партнерската игра со Нина Деан, како неговата жена Силјаница. Носителот на насловната улога е носител и на главната поента на претставта, кажана во една реченица – Тука никој не шанца! – што на штрковски јазик значи – Тука никој не танцува/игра. Оваа реплика за некого е смешна, за некого чудна и изненадувачка, но сеедно поразителна колку што може да биде и детската забелешка што им претходи, а ја изговара Силјан :„Мамо, тато, вие никогаш не се смеете“!. И тука лежи главниот режисерски мотив - сериозноста на хуморот, смеата и радоста. Јанаќиевиќ и неговата екипа, во лудистички манир, покажуваат дека наспроти фаталноста на судбината, тежината на клетвата и трката со секојдневието, сепак играта, танцот, радоста, а на крајот и љубовта се најважни. Во доловувањето на сево ова заслуга има целата екипа, која игра со огромна жар и дава впечаток на компактност. Музиката во живо е одличен режисерски потег, а во тој дел голем аплауз заслужува и актерот Ивица Димитријевиќ кој ја толкува улогата на синот на Силјан, но и фронтмен на бендот „Погани штркови“.

Вокалното трио „Кокошките од пеколот“ го сочинуваат Нина Деан, Ана Стојановска и фантастичната Тина Трпкоска чиј глас и експресија даваат посебен белег на кабаретската, фантастично-гротескна атмосфера во претставата. Магдалена Ризова Черних и Нино Леви се родителите на Силјан (Евда и Божин), и носители на „битовото“, но и на истата возбуда со која играат нивните помлади колеги. Кире Ѓоревски во улогата на типичен пијаница успева да внесе прецизни движења од еден физички театар, а пак Никола Ацески, покрај другото, покажува и редок правоговор и акцентски целости, одамна заборавени кај многу генерации македонски актери. Убедливи и шармантни во своите епизоди се и Славиша Кајевски и Висар Вишка чии креации предизвикуват силна смеа, односно искрен аплауз . Кореографијата на Александра Кочовска-Начева ја засилува кабаретската нишка што ја избрал режисерот Срѓан Јанаќиевиќ, а минималистичките сценографски и впечатливите костимографски решенија на Илина Ангеловска се во дослух со фолклорот на Цепенков и со македонското народно творештво и наследство воопшто.

Претставата се игра на малата сцена, но тоа не ја намалува нејзината големина и целост, напротив нуди поглед одблизу на нешто што е дел од нашата колективна меморија и не е исклучиво наменета само за млада публика.

Александра Јуруковска