Репертоар:

Битолскиот камерен оркестар го покори Скопје

Мислам дека насловот говори сам по себе. Битолчани вчера вечер потврдија пред скопската и македонската публика дека се класа кога музиката е во прашање...

Самиот концерт, кој преставуваше финале на годинешното издание на Скопско лето, ги магепса и воодушеви сите кои во најголем дел случајно се најдоа на плоштадот Македонија, во оваа топла летна ноќ.

Без преголема помпа и најава, ниту пак некоја голема медиумска покриеност, битолчани се наместија на малата сцена на Плоштадот во правец на улица Македонија. Пред поставени стотина столчиња, на кои на почетокот беа воглавно лица од постарата генерација, родители со деца и преставници од институции, многу брзо се собра критична маса на народ.

Од самиот старт бев убеден дека битолчани ќе растурат на сцената, земјаќи ги моите претходни искуства со овој состав. Така и би!

Народ се слеваше кон плоштадот од сите страни, а она што го понудија пред скопската публика, никого не остави рамнодушен. Репертоарот „пеколен“: Deep Purple, Scorpions, Rammstein, Queen, AD/DC се само мал дел од она со што битолчани "распалија" пред скопската публика. Оркестрот со дваесетина членови на број, колку што излегоа на сцената, со секоја нова нумера ја "купуваа" наклоноста на публиката и заработува се погромогласен аплауз.

Срцето ми се исполни стоејќи во првиот ред од страна која гледав како тинејџери "одлепуваат" на нумери стари по 30-40 години, од глетката кога еден куп скопски музичари со почит уживаат во нивната изведба, но уште повеќе кога гледав мали дечиња од по 4-5 годишна возраст, кои потскокнуваа и се радуваа, како и еден пензионер кој на два три пати срипа меѓу првиот ред и бината и почна во занес да игра. Рокенролот дефинитивно не е мртов. Живее и е длабоко наталожен во срцата на скопската публика, само ретко каде може да се канализира.

Повторно за битолчани. Што да се каже? Генијални, уиграни, без мани ...моќни, ведри, енергични ...задоволство за сите сетила! Едноставно светски се'! Ми е гајле дали некои од моите пријатели ќе речат дека сум пристрасен затоа што зборувам за луѓе кои доаѓаат од градот каде што сум роден и каде што ми е најголем дел од семејството, но морам да речам: За Битолскиот камерен оркестар границите на Македонија се премали.

Браво за Скопско лето, Град Скопје, Министерството за култура и секако Центарот за култура - Битола. Синоќешниот концерт во покажува што треба да се поддржува.

Секоја чест дечки и девојки! Вечер која нема да ја заборавам!

Александар Ристевски

(во недостаток на наша снимка во вчера вечер, видео за оние кои не знаат како Битолскиот камерен оркестар звучи во живо)