Репертоар:

Шумска опера - едукација за децата и возрасните

Изминатиот викенд на малата сцена на Македонската опера и балет, во три термина беше изведена оперската претстава за деца „Операта на шумските животни“, вистинско уживање и за најмалите, но и за повозрасните.

Идејата на МОБ да ја анимираат и едуцираат и најмладата публика, имаше одлична реализација.

Претставата на духовит и игрив начин, преку ликовите на шумските животни Бувот (Невен Силјановски), Лиска (Надежда Рубен, алтернација: Симона Петреска), Меца (Катерина Бошковска, алтернација  Марика Поповиќ) и Зајко (Дејан Стоев, алтернација Јане Дунимангалоски) ги воведува децата во основите на оперската уметност и ги запознава со поимите: композитор, оперски пејач, солисти, режисер, хор и сценарист. Музичкиот дел е исполнет со популарни арии од оперите: „Кармен“, „Палјачи“, „Аида“, „Травијата“, „Рита“ и многу други арии и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото, кое, како и режијата се на Десанка Глигоријевиќ.  Пејачите се и актери, имаат свои реплики и низ топла актерска игра на публиката и го доближија она што очигледно го прават со многу љубов – пеењето. И овој пат како одлично се покажа решението децата да седат на земја, на самата сцена, со што се создава услов за интеракција, па тие учествуваа и во вербалниот и во музичкиот дел, креирајќи едно спонтано и симпатично хорче. Солистите одлично се снаоѓаат и како актери, со леснотија и топлина ги доловуваат своите ликови. Доказ дека публиката беше задоволна е долгата фото-сесија на крајот од едночасовното дружење.

Претставите за деца се одличен потег на раководството на МОБ да ја едуцира најмладата публика и да регрутира своја постојана публика и за останатите претстави од репертарот. Но детските претстаи не се само за децата, тие треба да им се препорачаат и на возрасните, пред се на родителите. Посетувајќи ја оваа, и не само оваа претстава, родителите може да се потсетат што значи детска и искрена радост и поздрав на убавото и возвишеното каква што е уметноста, но и да се потсетат или ако не знаат - да научат како се однесува во една театарска или културна институција. Возрасните преку сопствен пример треба да покажат дека на претстава не се доцни, дека задоцнетото влегување ја вознемирува и публиката и актерите на сцената, минутите за претстава се само за тоа, а не и за разговор со пријателката или мајката до вас. Кога претстава е интерактивна, тоа не значи дека на детето треба да му се дозволи да скока како во игротека, а почитта кон уметниците освен преку културата на однесување се искажува и преку културата на облекување. Аплаузот е најголемата награда за еден уметник, а почитувањето на сиве овие нешта го прават тој аплауз поискрен и потопол.

Следната изведба на „Операта на шумските животни“ е на 11 февруари во 12:00 часот на малата сцена на МОБ.

Александра Јуруковска