Репертоар:

Страсна љубовна приказна

 Приказната е многу силна, многу страсна, со голем еротски набој со детални описи и сцени, но и со една фасцинантност во нејзиното градење.

Романот „Доилката“ од Лилјана Пандева, (ПНВ Публикации, добитник на наградата за прозно остварување „Стале Попов“ на ДПМ за 2016) е оригинална појава во современата македонска литература по многу нешта.

Најпрвин по успешниот обид од историската граѓа да изроди оригинална, специфична приказна, која не ја третира официјалната историја, туку врз нејзиниот фон испишува, допишува и досмислува љубовна сторија, која секако нема да се најде во ниеден историски учебник, па дури ни на ниво на факт. Имено, романсиерката гради сиже околу ликот на Пребонд – кнезот на средновековна Македонска Склавинија и неговото бегство од Ромеите од кое бидува спасен, но и повторно фатен благодарение на доилката Дора, припадик токму на Ромеите.

Приказната е многу силна, многу страсна, со голем еротски набој со детални описи и сцени, но и со една фасцинантност во нејзиното градење. Ова е едно од ретките дела во поновата македонскат книжевност кое со толкава прецизност, педантност и посветеност гради описи на раѓањето на љубовта и страста меѓу двата главни лика и тоа во траење од симболични 40 дена. Во ова разулавено и забрзано време во кое живееме, идејата на авторката така посветено да ја опише секоја секунда од врската на Пребонд и Дора, а притоа да не го забави текот на раскажувањето, да не му го оттргне вниманието на читателот ни за момент, е вистинско мајсторство. И за волја на вистината, тоа одлично функционира, бидејќи романот се чита во еден здив.

Следната и за мене најдрага точка од мајсторството во романот „Доилката“ е целосната посветеност на јазикот на кој Пандева пишува и опишува. Пред читателот се протега мала, но згусната творба со јазично богатство на кое сме заборавиле, на јазични игри пред кои можеме да се замислиме или да учиме граматика и семиотика, а се граѓа за пластичните слики од целото дејствие.

Иако не ги сакам квалификациите како женско писмо или жена автор- авторка, сепак во овој случај и да сакав не можев да ги прескокнам, затоа што женското, женственоста и симболот на се’ што е поврзано со нив се сржта на оваа романескна граѓа. Самиот наслов, самиот лик – доилката, говорат и повикуваат на толкување на тој женски принцип, а таков е и јазикот. Некои теоретичари би рекле дека ова е класичен пример за дело пишувано со крв и млеко, онака како што би требало да пишува жена. Но за мене уште поинтересно е што во тоа писмо има и многу машки знаци, многу зборови од машкиот, од надворешниот свет, од војната, од војното поле, па ако сакате и од истотријата која официјално ја бележат историографите. Набаре смао така треба да се испишува историја, или барем оној дел што таа најчесто и намерно се изоставаат-  битките надвор од бојното поле, оние за живот и смрт, а посреде и за љубовта. Александра Јуруковска