Репертоар:

Травијата е опера од денешнината, а можеби и од иднината

Травијата 2017 на Штојбер и МОБ е нешто сосема различно од се’ што досега го работела нашата оперска куќа. Смело, модерно, динамично и отворено режисерско читање на популарната опера на Верди, со одличната Ана Дурловски во главната улога како Виолета Валери. 

Кон премиерата на операта „Травијата“ од Џузепе Верди, режија Верена Штојбер, диригент Џанлука Мартиненги, сценограф и костимограф Софија Шнајдер продукција Македонска опера и балет.

Отворањето на годинашните Мајски оперски вечери е по неколку нешта многу значајно – 45-то јубилејно издание во годината кога Македонската опера и балет ја одбележува 70-годишнината од своето постоење и на денот кога оваа институција го доби Орденот за заслуги за Македонија, највисокото македонско признание кое го доделува Претседателот на државата.

Токму на овие неколку совпаѓања МОБ одговори со многу силен и голем проект - комплетно нова постановка на една од најизведуваните опери кај нас и во светот „Травијата“ од Џузепе Верди.

Травијата 2017 на Штојбер и МОБ е нешто сосема различно од се’ што досега го работела нашата оперска куќа. Смело, модерно, динамично и отворено режисерско читање на популарната опера, со одличната Ана Дурловски во главната улога како Виолета Валери. Токму се чини дека Ана и нејзиното искуство во вакви проекти е она кое ја прави не само носител на главната ролја, на енергијата и на целата тежина на претставата, туку и инспирација за гостинката – режисер од Германија, која нашиот ансамбл го стави во погон и во светло во кое досега не сме го знаеле. Раздвижени, динамични со прецизна гестикулација, експресија и на ниво на вокалната интерпретација, солистите, но и хорот, приредија оперско искуство за паметење.

фото:Утрински

Штојбер е звучно име во големите оперски куќи низ Европа и светот, а тамошните критичари ја оценуваат како смел режисер. Таа смелост ја видовме и на отворањето на Мајските оперски вечери со опера која од солистите, хорот, оркестарот и балетот на МОБ извлече не само гласовни, туку и одлични актерски моменти. Нашиот сопран со светски глас и реноме Ана и тука брилираше, секоја нејзина арија беше лекција по интерпретација, трансформација и уверливо донесување на емоциите на сцена, по што на публиката и преостануваше само да извикува Браво! За поздрав се и одличниот тенор Дарко Нешовски како Алферед Жермон, како и Борис Трајанов, соодветно избран според искуството и зрелоста како неговиот татко Жорж Жермон. Искуството на Трајанов и Дурловски беа во линија со енергијата на Нешовски, како и со онаа на Николина Јаневска (Флора), Александра Лазаровска – Василевски и Владимир Саздовски (Барон Дуфол).

Смелите режисерски решенија кои во Македонија можеби за прв пат ја откриваат вистинската слика за Виолета Валери не како кокета на која сме навикнати од досегашните поставки, туку вистинска куртизана кој се предава на задоволството, на материјалното и на љубовта, беа поткрепени со експлицитни еротски сцени, оправдана голотија и покажување на лицемерието во едно(секое?) општество, ако не и самото општетство, како развратничко дувло или бордел.

Доловувањето на атмосферата е овозможено и преку интересната, модерна сценографија и костимографија на Софија Шнајдер, редовна соработничка на режисерката Штојбер. Визуелниот дел на „Травијата“ е лесно приемчив за денешниот гледач, а привлечен дури и за оние кои не се познавачи или големи љубители на оперската уметност. Кореографијата е на Саша Ефтимова, а членовите на балетот беа и повеќе од придржба на солистите и хорот. Компактноста на проектот ја заокружува одличната изведбата на оркестарот на МОБ, под диригентската палка на маестро Џанлука Мартиненги.

Се на се’ фестивалскиот оган на годинашните 45-ти Мајски оперски вечери беше „запален“ со опера од денешнината, а можеби и од иднината.

Александра Јуруковска