Археологија? Што беше тоа? (Обнова на македонската археологија)

,,При ископувањето вчера беа откриени нови наоди, плоча со натпис на латински…‘’
,,Нова наколна населба, досега непозната за археолошката јавност, е откриена во рамките на истражувањата спроведени во третата кампања…“
,,Епохално откритие во Светиниколско, откриена Билазора – најзначајниот пајонски град…“’
„Научните резултати од археолошките истражувања на раноантичкиот град Билазора во овчеполскиот локалитет Градиште – Кнежје се публикувани во книгата „Античка Билазора – престолнина на независните Пајонци“…

Ова се наслови кои некогаш ја преплавуваа македонската јавност, наслови на кои секој би подзастанал и не би оддолеал, а да не го прочита напишаното. Понекогаш пренагласени, навидум нереални, на границата и надвор од границата на археолошката смисла, пренасилени текстови, реални текстови, но секогаш во фокусот, а честопати и главна тема на новинарството и пишаниот збор.

Многу простор на телевизиските екрани, радио приемниците, дневниот печат и интернет светот. Денес тие се само обични исечоци – споменари од едно време. Но ова е надминливо, ова е само сегашен приказ за една политичка и културна незрелост, која за среќа бргу заминува, поточно, со доаѓањето на пролетта, и ќе патува долго, надевајќи се дека еден ден зборот археологија за нив ќе е достоен! Како што би кажале театарџиите… штиците што живот значат, за археолозите тоа е сондата, лопатчето и метличка што живот значат!

Но животот го нема, го нема ни жешкото сонце, ниту, пак, досетливите археолошки шеги, звукот на безвременоста кога ќе дојдеме до првите наоди. Напротив, има бледи лица, кои замислете некогаш биле ведри, среќни и спремни за археолошка акција. За жал, од пред извесно време археологијата како да е забранета со закон, со УСТАВ!

Проблемот е суштински, силно метастазиран, и често знам да кажам дека македонската археологија е болна од тешка, многу тешка болест. И не сум далеку од вистината. Метастазирана болест низ минатото, преку одредени погрешни политики и лични желби за да имаме денес најсилно изразен културоцид, археоцид од невидени размери, и тоа баш така „без перде и срам“, по високи ИСИС стандарди, преку најсовремена охридска хитачи-хилта археолошка методологија. Во лажниот план за Живот, со безобразно злоупотребениот предзнак за европска и слободна култура, damnatio memoariae е нивното прво поглавје, бидејќи опседнатоста како што слушнав била сериозно опасна по нивната ген-матрица. Второто поглавје е нивниот НВО бизнис и личните интереси, ДА, таа лажна борба, борба без идеали, борба за пари. Третото поглавје е нашата тема, уништување на единствената егзактна наука меѓу општествените науки – науката пред која и боговите молчат, големата македонска археологија! Банирана наука врз пластот на непостоечката ,,страшна антиквизација“.

Зарем римскиот театар во Скупи е антиквизација? Зарем Стоби е антиквизација? Заливот на Коските и Плаошник во Охрид се антиквизација? Исплашени да не случајно археологијата изгради силен македонски идентитет и се трансформираме по брза постапка во антички Македонци со сариси во раце!? Да, овие елементи ги злоупотребија за да се фрли анатема на оваа наука, додека секаде во културниот свет археологија е движечка и носечка дејност. И замислете, за кратко време клетвата продолжи со Преспанскиот договор!

Доведени до целосна безидејност, анархија и хаотичност, и тоа на трон со растакултуртрегерот кој се круниса во шарените води на скопските улици како најнеуспешниот министер за култура во историјата на Република Македонија.

На крајот од денот, археологијата е жртва, и тоа политичка. Тоа што се говореше е само едно големо лицемерие! Лицемерие се сите говори од Скопско Кале, скопскиот аквадукт, театарот во Скупи, Курбиново. Овие места, од каде што најавувавте културна ренесанса, се вашите најголеми злосторства. Злосторства кои македонската јавност долго ќе ги памети!

Од досегашното нивно владеење имавме доволно прилики да се увериме дека ниту умеат, ниту, пак, знаат да осмислат, а уште помалку и да спроведат реформи, а за успешно ракововодење на институциите од културата не станува ни збор. За овие три години од нивното владеење е повеќе од јасно дека културата за СДСМ била тоа што најмалку им значело, а археологијата целосно на маргините од култутрата, а нивната борба била борба без идеали. Гола Борба за пари и власт.

Дами и господа, дел од нивните „ремек-дела“ во прилог: напуштени, недоистражени, незаштитени и нереализирани археолошки локалитети, незаштитено археолошко движно културно наследство, расформирани и уништени музејски поставки, пропаднати музејски објекти и музејски депоа, намален археотуризам, запрени конзерваторски зафати со акцент на македонскиот црковен бисер во Курбиново, непочитување на препораките од УНЕСКО, понижени музејски работници, невработени археолози, намален број новозапишани студенти по археологија.

Исто така, во исчекување на Годишната програма за проектите од национален интерес за 2020 година, за која сум сигурен дека повторно ќе биде пораз за културата и културните работници, особено за археолозите, мора да кажеме ДОСТА е! Претеравте!

Главата високо горе колеги археолози! Крај за пониженоста на оваа дејност! Време е за нови откритија, но, пред сè, за работа, за многу работа.

Да ѝ дадеме шанса на Обновата на Македонија, на пролетната Македонија, која недвосмислено подразбира силна поддршка и обнова на македонската археологија преку најсилната програма која следува!

м-р Владимир Атанасов

You May Also Like