Репертоар:

Осовремената постојана поставка во струмичкиот музеј во месец мај

Во месец мај 2017 година ќе биде промовирана осовремената постојана поставка во Завод и музеј Струмица...

Министерката Канческа-Милевска денеска оствари работна посета на Заводот за заштита на спомениците и музеј Струмица, каде со поддршка на Министерството за култура се реализираат голем број на проекти од областа на културата.

Во оваа музејска установа во тек се активностите за осовременување на комплексната постојана поставка, во која се изложени неколку стотици предмети од археолошки, историски и етнолошки карактер кои ги отсликуваат културата, историјата и традицијата на овој регион. Од страна на директорот на оваа национална установа, Зоран Рујак, министерката за култура беше информирана дека градежните работи ќе бидат завршени во месец мај кога Струмичкиот музеј ќе добие целосно обновена музејска поставка.

Градежните работи опфаќаат: поставување на 22 нови витрини, нова електрична инфраструктура, нов набљудувачки систем и нови сигурносни аларми. Во поставката, покрај постоечките, ќе бидат изложени и нови предмети кои беа откриени во текот на последната деценија при археолошките истражувања на голем број локалитети во овој регион, меѓу кои и на Цареви кули, Црвено поле, Римската терма во Банско, Струмичко, Орта џамија и многу други споменици на културата.

Во контекст на поинтензивна промоција на оваа музејска установа, изработено е посебно и ексклузивно монографско издание кое е пресек на проектите и долгата историја на овој регион. Во наредиот период во Струмица е предвидено и осовременување на Галеријата на икони „Св. 15 тивериополски маченици“, која е една од најбогатите и највредни во југоисточниот дел од државава, и реконципирање на постојаните поставки во Спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето и во Староградската куќа (Турска пошта).

Проектот за осовременување на комплексната постојана поставка се реализира во рамките на активностите на Министерството за култура за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области: археологија, историја, историја на уметноста, етнологија, современа уметност и природонаука. Преку овој повеќегодишен проект е предвидено нашите музејски институции да добијат најрепрезентативни постојани музејски поставки, атрактивно конципирани простори кои ќе имаат современи облици на презентација на музејските експонати и кои ќе овозможат интеракција со посетителите.