Репертоар:

Меѓународен ден на Франкофонијата

Македонија членува во Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006 година и има активна улога во промовирањето на Франкофонијата во рамките на Југоисточна Европа...

Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје денеска, 20 март, на прес-конференција ќе ги соопштат активностите за одбележување на 20 Март – Меѓународниот ден на Франкофонијата.

На прес-конференцијата ќе се обрати амбасадор на Франција Кристијан Тимоние, а ќе присуствуваат и дипломатските претставници на повеќе земји членки на Меѓународната организација на Франкофонијата: амбасадорот на Албанија Фатос Река, амбасадорка на Австрија Ренате Коблер, бугарскиот амбасадор Великов Петков, Димитрос Јанакакис, шеф на Канцеларијата за врски со Грција, романскиот амбасадор Виорел Станила и Сибил Ситер Тежада, амасадор на Швајцарија.

– Во Македонија денес има повеќе од 50.000 активни говорители на францускиот јазик во најразлични општествени сектори, а токму францускиот јазик е заедничкиот именител којшто ги обединува земјите членки на Франкофонијата, наведуваат организаторите.

Меѓународната организација на Франкофонијата е основана во 1970 година со цел да го промовира францускиот јазик, културната и јазичната различност, промоција на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, како и развивање на соработката во служба на оддржливиот развој и на солидарноста.