Репертоар:

„Охридско лето“ e вонвременско уметничко доживување

Годинашното 57-то „Охридско лето“ измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни критики и задоволни уметници, изјави на завршната прес-конференција директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска.

Во изминатите 40 фестивалски дена, како што рече, се случи неповторливо доживување со големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, гости од целиот свет, распродадени настани по само два дена од нивното најавување.

- Голема беше возбудата, но и обврската да се организира секоја фестивалска вечер која благодарение на селекторите Ѓорѓи Цуцковски и Зоран Љутков, изобилуваше со врвна уметност и атрактивни нови содржини. Имавме 57 настани, музички, драмски, балетски претстави и активности во делот на дополнителната програма. Покрај прекрасните концерти од областа на класичната музика и театарските претстави, понудивме атрактивни програми како џезот и проекти и во дополнителната програма, рече Вренцовска.

Таа потсети на промоцијата на документарниот филм „Бисер“, на проектот „Детски свет“ кој, како што рече, беше место за културно изразување за младите уметници да ги афирмираат своите потенцијали и идеи со што се поттикна позитивна стимулација на младите творци и истакнатите уметници.

- Ја проширивме програмата на нови сцени, а на постоечките создадовме поголеми услови за уметниците. Свеченото затворање синоќа се случи во поранешната касарна „Михајло Апостолски“, амбиент кој ја надополни приказната на претставата „Ничија земја“ режирана од познатиот Александар Морфов, а во изведба на Македонскиот народен театар, изјави Вренцовска.

На 57-то издание на „Охридско лето“ учествуваа уметници од Русија, САД, Канада, Австрија, Кина, Индонезија, Израел, Италија, Франција, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Ерменија, Турција и Грција. Според Вренцовска, статистиката покажа дека годинава се бележи зголемување на продажбата на билети, а дел од фестивалската публика беа и бројни гледачи од странство.

- Он-лајн билети се купуваа од Австралија, Кина, Индија, САД, Англија, Белгија, Русија, Полска, Турција, Холандија и секако земјите од регионот. Над 30.000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет дојдоа да уживаат на врвните музички и театарски настани. Се бараше место повеќе за концертот за свеченото отварање, роденденскиот концерт, за настапот на Влатко Стефановски со Камерниот оркестар од Битола каде „Долни Сарај“ беше претесен за сите оние кои сакаа да бидат дел од овој настан, рече Вренцовска. 

Според неа, она што оставило впечаток е рекордната посетеност на драмската програма каде, како што рече, гледалиштата на сите претстави без исклучок, беа преполни. - Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно заедно со целиот тим кој стои зад целата реализација, појасни Вренцовска.

Директорката на оваа национална установа нагласи дека и во иднина приоритет ќе биде фестивалот, што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка на Министерството за култура и со поддршка од локалната самоуправа, да го задржи епитетот на високореномиран европски фестивал.

Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски, изминатите 40 фестивалски вечери биле прекрасен период на размена на љубов, почитување и вонвременско уметничко доживување.

- На сцените во Антички театар, Долни Сарај и црквата „Св. Софија“ беа одржани 48 музички настани. Ако зголемената продажба на билети со повеќе од 100 отсто во однос на минатите години е репер за квалитативна понуда на годинашното издание, од сопствен аспект морам да истакнам дека за мене беше вистинско доживување да се поздрават уметничките консументи по секој концерт, нескромно искажувајќи го сопственото задоволство од убавината и квалитетот на музиката и уметниците кои оваа година беа дел од фестивалската програма, изјави Цуцковски. 

Преполните концертни капацитети на секој музички настан, според него, се доказ дека нашиот напор за збогатување на фестивалската програма, како програма наменета за широк спектар љубители на уметноста придонесе за одржување на долгата традиција и високиот уметнички рејтинг на фестивалот, како и придонес за развој на туризмот во градот Охрид.

Музичкиот селектор Цуцковски објасни дека е особено горд на професионалниот ангажман на тимот кој стои зад оваа манифестација. Изрази благодарност до претседателот на Република Македонија и Министерството за култура за постојаната поддршка, како и до сите што со својот професионален ангажман придонесуваат овој фестивал да претставува најистакнат уметнички фестивал во југоисточна Европа.

Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Зоран Љутков нагласи дека според фактите и годинашната фестивалска статистика се работи за успешно реализирано фестивалско издание.

- Претставите жанровски беа различни и за сите вкусови. Програмата беше конципирана жанровски, продукциски, стилски, така како што би требало да има програма секој национален театар во Македонија. Пресреќен сум што оваа манифестација има таков тим којшто беспрекорно ја реализира цела програма. Да имате 57 културни настани, да завршат без ниедна грешка, тоа е еден до најголемите успеси што може да го посака една национална институција, изјави Љутков.

Фестивалот „Охридско лето“ е значаен партнер на ЕФА (Европска Асоцијација на Фестивали). Нејзин член е од 1994 година и секогаш давал голем придонес кон мисијата на ЕФА и нејзините проекти.