Ликовна работилница „Преспански ликовни мотиви“

Ликовни уметници – аматери од Преспанскиот регион ќе учествуваат на дводневната ликовна работилница насловена „Преспански ликовни мотиви“ што на 12 и 13 септември, ќе се одржи во Претор во организација на Домот на културата „Драги Тозија“.

Вториот ден од работилницата ќе биде посветен на делата на македонскиот ликовен уметник Владимир Темков.

Директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски информира дека 30-тина уметници од Преспа ќе творат инспирирајќи се од она што ќе го почувствуваат и видат покрај езерото.

– Настојуваме веќе неколку години наназад да ги мотивираме нашите уметници да создаваат дела поттикнати од убавините на Преспа, па затоа и локациите за нивната работа ги одбираме да бидат во непосреден контакт со природата. Создадените уметнички фотографии ќе бидат претставени пред ресенската публика пред Преспанскиот јаболкобер, на изложбата која ќе биде отворена на 26 септември. Така јавност ќе има можност да погледне што годинава било создадено на оваа ликовна работилница, истакна Василевски.

Ликовната работилница се одржува во рамки на одбележување на два значајни јубилеи, 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија и 11 Септември – Денот на ослободувањето на Ресен и Преспа.

You May Also Like