Репертоар:

Изложба на Андријана Мациев во КИЦ Софија

На изложбата ќе бидат претставени 22 дела работени во акрил на платно, од најновиот опус од творештвото на авторката...

Во Културно информативниот центар на Македонија во Софија вечерва, 17 март, ќе биде отворена изложба „Живот во бои“ на македонската ликовна уметница Андријана Мациев.

Од КИЦ на РМ во Софија истакнуваат дека Андријана Мациев е веќе афирмиран ликовен уметник од помладата генерација македонски ликовни уметници, со свој специфичен и препознатлив ликовен израз.

– Писмото на Мациев е препознатливо по силниот и контрастен колорит кој блеска со оптимизам и животна радост. Забележлива е тематската широчина во делата, која се должи на основните чести вредности – линија, боја, композиција, оценува кустосот Елена Иванова.

Мациев ликовното образование го оформува во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски” во Скопје, а дипломира на Факултетот за ликовни уметности, оддел графика во класата на проф. Димитар Малиданов.

Во Софија се претставува првпат со самостојна изложба. Самостојно изложувала во сите поголеми градови во Македонија, а на групни изложби се претставила и во Бугарија, Србија, Турција, Франција, Босна и Херцеговина.

Изложбата, која е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Софија, ќе ја отвори директорот на Центарот, Васко Шутаров. Ќе биде отворена до 10 април годинава.