Репертоар:

Изложба на Љубица Мешкова Солак во Софија

Вечерва (среда, 27 септември) во 18:30 часот, во Културно-информативниот Центар на Македонија во Софија, со дела од својот најнов уметнички опус ќе се претстави македонската уметница Љубица Мешкова Солак. 

Изложбата "Конвергенција" е нејзина прва самостојна изложба во Софија и е дел од годишната програма на нашиот Центар за 2017 година.

Љубица Мешкова Солак завршува графика со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, но најголем дел од својот богат авторски опус го остварува во Битола, каде живее и твори. Има остварено бројни самостојни изложби низ Македонија, но и во Берлин и Париз, а во соработка со британскиот моден бренд Хакет изложува во Дубаи, Катар, Кувајт, Бахреин.

Има остварено студиски патувања во Атина, Фиренца, Букурешт, Ерусалим, Љубљана и Париз, учествувала на бројни групни изложби во Бугарија, Романија, Србија, Словенија, Шпанија, Франција, Грција, Австрија.

Добитник е на значајни ликовни награди, во 2008 година признанието за ликовно остварување "Борислав Траиковски", a во 2013 година наградата на ДЛУМ, Д.Аврамовски-Гуте.