Репертоар:

Изложбата „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ на 2 ноември во Националната галерија

Националната галерија на Македонија, потпомогната од страна на Министерството за култура на Република Македонија и Фондацијата „Илија Камчев“ ја организира големата јубилејна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“.

Изложбата ќе биде отворена во Даут пашиниот амам на 2-ри ноември 2017 година, со почеток во 20 часот, и ќе трае во следните три месеци.

Ќе се промовира и монографско издание посветено на животот делото на Мазев со над 240 страници, а во склоп на Даут пашиниот амам и ќе се отвори "Мазев гифт шоп" со бројни брендирани производи.

Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земјаќи во предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на дел од неговото творештво во перидот од неговата смрт до денес, проектот како јубилејно одбележување на 90 години од неговото раѓање всушност ќе вклучи еден своевиден пресек на неговото творештво, како потестување на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.

 

На изложбата која подразбира 90 години јубилеј од раѓањето на академскиот сликар Петар Мазев, ќе бидат поставени дела од повеќе фази од неговото творештво. Станува збор за уметник кој е несомнено на врвот на македонското современо сликарство. Се работи за автор со индивидуалност на која не и требаат апологетски терминолошки одредници, за индивидуалност што најдобро се брани без посредници, со самото живеење на уметничкиот израз врз платното.

Мазев е речиси единствен преставник на својата сликарска генерација чие творештво течеше по оригинална и единствена насока на развојниот дијаграм. Визијата на Мазев тргнува од реалноста само затоа низ разработувањето да ја поништи како таква во самото дело: конкретниот свет му служи само како повод за бегање во сопствената реалност. Затоа неговиот опус се уште е отворен и привлечен за ново разоткривање.

Мазев почнува со фигуративни композиции (во педесеттите), речиси една деценија подоцна го прифаќа енформелскиот израз, за по неколку години да дојде на идеја да ги стави паралелно на една иста слика овие два ракописи. Всушност неговиот експресионизам минал низ неколку фази во творештвото на Петар Мазев (во кои особено е значајна “белата фаза"), за да под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилием де Куниг и групата Кобра создаде апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит. Така неговото сликарство станува егземплер на можното заедничко опстојување на овие две ликовни експресии долго време антагонистички поставувани и толкувани. Во периодот пред и во осумдесеттите години на сликите на Мазев им ставаме посмодернистичка етикета, но при тоа се прашуваме дали Мазев уште од 1967/68 година (кога почнува да работи во овој дух) не ја најавува Посмодерната во Македонија? За него се валидни ,,дивјаштвото на чуствата‘‘ како лична вредност и фаустовската индивидуална волја и моќ, наспроти вербата во младоста на уметноста што не венее. Имено, желбата човекот да биде надмоќен, да биде херој, е најизразена кај големите уметници, и оттука резултира во големи дела. Мазев е несомено еден од тие големи уметници.

Мазев е роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје, Република Македонија. Значајно е да се напомене дека бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Петар Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во странство: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др. Исто така земал учество и на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др.

Добитник е на бројни награди и признанија: 11 Октомври на Република Македонија во 1961 г., 1979 г. добива 1-ва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 г. добитник е на наградaта „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње и др.