Репертоар:

Јубилејна изложба „Борко Лазески 1917-1993“ во Даут пашиниот амам

Одбележувањето на 70 годишнината на Националната галерија на Македонија започна месецов, со што февруари Галеријата го посвети на уште еден голем јубилеј, 100 години од раѓањето на Борко Лазески...

Чествувањето започна минатиот четврток со промоција на монографското издание „Борко Лазески 1917-1993“ во Македонската академија на науките и уметностите.

Одбележувањето продолжува со отворањето на изложбата „Борко Лазески 1917-1993“ во четврток, на 15.02.2018 година, во 19 часот, во Даут пашиниот амам.

На отворањето ќе се обратат министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, Соња Абаџиева, критичар и истакната личност од областа на културата и ликовната уметност и директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими.

На изложбата ќе бидат претставени шеесеттина дела од речиси сите творечки фази на авторот. Монографското издание и изложбата се финансирани од Министерството за култура, а во реализација на истите учествуваат Влада на Република Македонија (Служба за општи и заеднички работи); Собрание на Република Македонија; Народна банка на Република Македонија; Министерство за одбрана (Касарна „Алекса Демниевски - Бауман“, Велес); Македонска академија на науките и уметностите; Музеј на град Скопје; Музејот на современата уметност - Скопје; Музеј на Македонија; Историски музеј Крушево; Хотел „Монтана“, Крушево; Завод и Музеј Прилеп; Центар за култура „Марко Цепенков“ - Прилеп; Центар за современа ликовна уметност - Прилеп; Завод и Музеј Охрид; Музеј Куманово; Музеј на Западна Македонија во НОВ - Кичево; Стопанска банка а.д. Скопје; Вардар филм; Македонски пошти Битола; ОСТЕН Музеј на цртеж, Скопје, Кинотека на Македонија, Македонска телевизија и значаен број приватни сопственици.

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска Михајловска, а  истата ќе може да се погледне до 05 април 2018 година.