Репертоар:

Јубилејна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ во Даут пашин амам

Над 70 дела работени во различни техники на платно и панел од македонскиот уметник Петар Мазев ќе бидат поставени на отворањето на јубилејната изложба по повод 90 години од неговото раѓање, во објектот Даут пашин амам, при Националната галерија на Македонија.

Отворањето на изложбата „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ е на 2 ноември (четврток), и истата ќе биде достапна за посетители до средината на јануари 2018. 

Маја Неделкоска Брзанова, еден од организаторите на изложбата, на прес-конференцијата, рече дека изложбата е составена од дела кои прават пресек на творештвото на Мазев, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци на 50 години од минатиот век се до неговата смрт 1993 година.

- Тоа се пред се дела кои на ликовната јавност се малку или воопшто не се познати, дела кои малку или воопшто не биле изложувани. Тие условно следат временски дискурс следејќи го неговиот развоен пат како автор и ослободувањето на неговиот гениј, изјави Неделкоска Брзанова.

Посочи дека делата застапени на изложбата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и музеј Охрид, Културно информативниот центар од Скопје, Центарот за култура Антон Панов од Стрмица и голем број на приватни колекционери.

Директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова Ќерими, напомена дека благодарение на Министерството за култура и фондацијата Илија Камчев јубилејната изложба ќе биде отворена во објектот Даут пашин амам со обновена светлосна и просторна инсталација, како и дека ќе се промовира специјализирана продавница за сувенири, посветени на Петар Мазев. 

Изложбата има и монографско издание на вкупно 240 страници, со текстови на Соња Абаџиева, Викторија Васева Дамеска, Владимир Величковски, Конча Пиркоска и Мирјана Талеска.

Пред новинарите говореа и кустосите Тања Бундалевска, Соња Абаџиева и Маја Чанкуловска, дел од тимот кој работеше на изложбата.

На пресот присуствуваше и Славко Мазев, син на големиот автор, кој во текот на самите подготoвки и организација на изложбата, даде свој придонес.