Репертоар:

НГМ докажа дека со право го носи со името Национална

Националната галерија на Македонија со изложбата на Петар Мазев вчера вечер (2 ноември) докажа и покажа дека е кадарна за организирање на огромни настани од сличен калибар. Прекрасна вечер за паметење, за која уште долго ќе се зборува.

Вчерашното големо отворање на изложбата „Петар Мазев - 90 години од раѓање“, а Даут пашиниот амам во Скопје беше претесен да ги прими сите љубители на уметноста и особено на творештвото на нашиот неповторлив автор. Пред повеќе од 3000 посетители, на присутните им се обратија: д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија; г-дин Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“; проф. Симон Шемов и г-дин Валмир Азири, државен секретар во Министерството за култура на Република Македонија.

Д-р Дита Старова Ќерими истакна дека на изложбата се изложени „дела кои на ликовната јавност и се малку или воопшто не и се познати, дела кои биле ретко или воопшто не биле изложувани“, им се заблагодари на Министерството за култура на Република Македонија за финансиската поддршка на овој проект, на Фондацијата „Илија Камчев“ за донацијата за успешната подготовка на јубилејната изложба, на сите институции и поединци кои учествуваа во подготовката на изложбата. Особена благодарност им посвети на Маја Неделкоска-Брзанова и Татјана Бундалевска, кустоси во Националната галерија на Македонија и авторки на проектот, како и на сите автори на текстовите во монографијата (Соња Абаџиева-Димитрова, Викторија Васев Димеска, Конче Пиркоска, д-р Владимир Величковски). Д-р Старова Ќерими им врачи благодарници на г-дин Славко Мазев, син на големиот Петар Мазев и на г-дин Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“ за поддршката во реализацијата на изложбата.

Г-дин Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“ посочи дека оваа Фондација „своите стремежи ги насочува кон помагање на уметноста во нашата заедница - културниот импулс, во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време, со цел еден позитивен исчекор на уметничкиот и културен развој во Република Македонија. Неодоливата енергија во сликите на Мазев, како што велат врвни критичари и проследувачи со светски углед и авторитет, не води напред и ги потенцира врвовите на нашата култура, уметност, на нашиот израз. Тој е пример и поттик, сите ние да помогнеме и придонесеме во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност во Македонија и во светот.“

Проф. Симон Шемов, присеќајќи се на раните почетоци на Петар Мазев, емотивно изјави: „Јас сум бескрајно горд на мојот вујко Петар Мазев, горд сум што токму тој беше причината да појдам по неговиот пат. Чувствувам благодарност што беше пример за мене и најблиските негови млади роднини да се определиме за оваа благородна творечка област - сликарството“.

Г-дин Валмир Азири, државен секретар во Министерството за култура на Република Македонија истакна дека „поддршката кон овој тип на проекти и претставување на нашите најзначајни уметници ќе продолжи и ќе се засили. Великаните на уметноста во Македонија заслужуваат нивните дела да бидат претставени достоинствено пред граѓаните. Тие не само што ја претставуваат нашата богата уметничка историја и традиција, туку претставуваат вистинско уживање за вљубениците во сликарството, но и значајна алатка за културно и уметничко издигнување на идните генерации.“

Националната галерија на Македонија им се заблагодарува на сите што присуствуваа на вчерашниот настан и што ни ја укажаа честа Националната галерија на Македонија да се претстави во светско издание. 

Во наредните три месеци посетете Даут пашиниот амам и да уживате во оваа ексклузивна изложба посветена на неповторливиот Петар Мазев.